ВЕЛЕШКИТЕ СОВЕТНИЦИ ЈА ПОВЛЕКОА ОДЛУКАТА ЗА ПОСКАПУВАЊЕ НА ВОДАТА, ЗА ЦЕНАТА ЌЕ РЕШАВА РЕГУЛАТОРНА

    ВЕЛЕШКИТЕ СОВЕТНИЦИ ЈА ПОВЛЕКОА ОДЛУКАТА ЗА ПОСКАПУВАЊЕ НА ВОДАТА, ЗА ЦЕНАТА ЌЕ РЕШАВА РЕГУЛАТОРНАГрадоначалникот Коцевски, разочаран од советниците, стравува дека Регулаторна драстично ќе ја зголеми цената на водата (Фото: СДК.МК)

    Советниците не одлучуваа дали водата за пиење ќе поскапи во Велес, откако точката од 21. седница, која се одржа вчера, беше повлечена. Така наместо велешките советници, за цената ќе решава Регулаторната комисија.

    Според предлогот од УО на ЈКП „Дервен“, водата за граѓаните требаше да се покачи за четири отсто или од 30,60 на 31,62 денари за метар кубен, додека за правните субјекти за 4,6% или од 60,25 на 63,05% денари за кубен метар.

    „По консултациите во советничката група и во СДСМ Велес, одлучивме точката да се повлече и да не дозволиме да има зголемување на цената на водата за пиење. Тоа беше дел од нашата изборна програма за поевтина вода за пиење. До ваквата ситуација доведе владеењето на претходниците, кои одлучија Правилникот за регулирање на цената да биде кај Регулаторната комисија. Поради тоа, изминатиот период моравме да вклучиме давачки за јавно зеленило и за чистење на јавни површини, кои тие беа должни да ги донесат, но никогаш не ги донесоа. Тие ги покачија сметките од ЈКП ‘Дервен‘, за што граѓаните реагираа“, изјави Душко Петров, претседател на Советот на Општина Велес.

    Градоначалникот на Велес Аце Коцевски вели дека е разочаран од ваквото решение на советниците. Стравува дека велешани сега можат да добијат многу поскапа вода за пиење.

    „Ако советниците помислиле дека ги заштитиле интересите на граѓаните, грешка се. Сега Државната регулаторна комисија има право да ни одреди регулирана цена, која може да биде далеку повисока од таа која ја бараше ЈКП ‘Дервен‘. Се надевам дека комисијата нема бргу да реагира, па на следна седница точката повторно да се стави и изгласа. Законот донесен од претходната Влада така го има пропишано, иако тогашното мнозинство во Советот не го почитувало и никогаш не донело одлука за усогласување на цената. Наспроти ветувањата во кампањата дека водата ќе поевтини, законот не го дозволува тоа. ЈКП ‘Дервен‘ мора да плаќа на ЈВП ‘Лисиче‘ за водата за пиење која му се испорачува“, рече Коцевски.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ од Велес уште претходно на прес-конференција најавија дека можното зголемување на цената нема да го поддржат. Тие реагираа и за новововедените давачки за јавна чистота и за јавното зеленило.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира