ВЕЛЕШКОТО ФИЗИКАЛНО ОДДЕЛЕНИЕ СТАНА КОВИД-ЦЕНТАР, ВО КАВАДАРЦИ ПОВТОРНО ОТВОРЕНА МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА

    ВЕЛЕШКОТО ФИЗИКАЛНО ОДДЕЛЕНИЕ СТАНА КОВИД-ЦЕНТАР, ВО КАВАДАРЦИ ПОВТОРНО ОТВОРЕНА МОНТАЖНАТА БОЛНИЦАФизикалното одделение беше Ковид-центар и на крајот на 2020 и во првата половина на 2021. (Фото: СДК.МК)

    Во Велешката болница од денес е отворено Физикалното одделение, каде ќе се згрижуваат пациентите кои се позитивни на ковид-19. Во болницата изминатиот период позитивните беа згрижувано во Инфективното одделение, додека негативните кои имаат потреба од продолжено лекарска нега беа на Интерното. Физикалното одделение беше Ковид-центар во два наврати, на крајот на 2020 и во првата половина на 2021.

    „На Физикалното одделение од Интерното денес се префрлени првите двајца пациенти со ковид-19. Тоа е активирано поради зголемениот број пациенти кои имаат потреба од болничка грижа. Одделението има капацитет од 24 кревети. Нема проблеми со персонал, направен е распоред на дежурства на лекари и сестри“, кажа д-р Елена Левкова-Ќулумова, портпаролка на Општа болница Велес.

    Иако во болницата постои и монтажната болница со 47 кревети, таа во вој бран на пандемијата не е отворена, надлежните процениле дека во вој момент не е неопходно таа да биде повторно ставена во функција.

    Во Велешката болница денес се згрижени 67 пациенти, од нив 55 се позитивни, а на кислородна поддршка се 21. Освен од Велешко, тука се лекуваат и пациенти од Свети Николе и Овчеполието. Изминатите седум дена, во болницата починаа 12 болни од ковид-19. Во Велешко, заедно со Чашка и Градско, има 472 активни болни.

    Неделава повторно е активирана и монтажана болница во Кавадарци, поради напливот на пациенти. Таму денес има згрижено 31 болен, а од нив 26 се на кислородна поддршка. Изминатите денови бројот на нови случаи во Тиквешијата беше повеќе од стотина на ден.

    „Во болницата се хоспитализираат пациенти освен од Кавадарци и од Неготино, Демир Капија, Валандово. Кај нас преадаптирано во Ковид-центар беше Невропсихијатриското одделение. Во општината има висок број заразени и за дел од нив е потребна лекарска нега“, рече д-р Диме Коцев, директор на Општа Болница Кавадарци.

    Во Кавадарци до вчера имаше 768 активни болни, а во Неготино 259.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира