ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ТУРИСТИ ГО ОСТАВИЈА ЃУБРЕТО НА ОХРИДСКИТЕ ПЛАЖИ, „КОМУНАЛЕЦ“ ВОВЕДЕ И ТРЕТА СМЕНА

    ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ТУРИСТИ ГО ОСТАВИЈА ЃУБРЕТО НА ОХРИДСКИТЕ ПЛАЖИ, „КОМУНАЛЕЦ“ ВОВЕДЕ И ТРЕТА СМЕНАСамо на крајбрежјето заедно со контејнерите од хотелите за 4 дена се собрани 240 метри кубни отпад. (Фото: СДК.МК)

    Исфрлени амбалажи од храна, хартија, пластични шишиња и лименки останаа по плажите и местата кои гостите ги користеа за излет по празничниот велигденски викенд во Охрид. Огромни количини смет од рано утро собраа екипите на ЈП „Комуналец“. Оттаму велат дека 110 работници со часови биле на терен на повеќе локации низ градот и околните места. Само на крајбрежјето заедно со контејнерите од хотелите за 4 дена биле собрани 240 метри кубни отпад.

    „Комуналец“ од денеска воведува и трета смена за чистење на градот, наместо како досега кога дополнителни екипи се вклучуваа само за време на летната сезона. Охридското комунално претпријатие претходно воспостави и соработка со невладините организации и здруженија во регионот за заштита на животната средина, заради едукација и подигнување на еколошката свест на населението.

    „Охрид заслужува да биде чист, Охрид е бисер на Балканот. Во таа насока се и моите заложби да ги исчистиме дивите депонии, но секако треба да се работи и на подигнување на еко-свеста на граѓаните“, вели директорот Сашо Најдески.

    Општина Охрид реализира и акција за чистење на диви депонии на девет локации во која учествуваа сите општински јавни претпријатија, со луѓе и механизација, а дополнително беше ангажирана и механизација од економските оператори со кои Општината има соработка. Според најавите, вакви акции ќе се организираат и во иднина до целосно расчистување на дивите депонии кои веќе подолг период ги има низ Општина Охрид.

    За време на продолжениот празничен викенд, во Охрид по подолго време имаше многу, претежно домашни, гости, но и помали групи странци од соседството.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира