ВЕЖБА СО ОВЦИ И КОЗИ КАКО ДА СЕ ПОСТАПИ АКО ИМА ЧУМА ВО ВЕЛЕШКО СУЈАКЛАРИ

    ВЕЖБА СО ОВЦИ И КОЗИ КАКО ДА СЕ ПОСТАПИ АКО ИМА ЧУМА ВО ВЕЛЕШКО СУЈАКЛАРИВо земјава досега немало чума на мали преживари (Фото: СДК.МК)

    Во околината на велешкото село Сујаклари, се одржа симулациска вежба колку системот е подготвен за справување со болеста чума кај малите преживари (ППР) овци, кози. Тоа е вирусно заболување кое предизвикува големи економски загуби. Болеста ја има во Африка, Арапскиот Полуостров, Блискиот Исток, југозападна Азија и Индија. Од земјите во регионот присутна е во Турција и во Бугарија.

    На оваа вежба, во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство, се реализираа теоретските и теренските активности со заразени животни.

    „На вежбата, по однапред утврдено сценарио и доделување на улоги на учесниците, се реализираа активностите кои треба да се преземат во случај на појава на болеста чума кај мали преживари“, изјави Анет Гомелвинд, експерт за планови за итни мерки од ЕУ.

    На симулациската вежба, учествуваа и претставници од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје и експерти од Република Србија и Европската унија.

    Болеста досега не била присутна во земјава, поради што во јуни 2020 земјава го доби статусот на слободна од чума кај малите преживари. Вежбата се реализираше со поддршка на проектот „Регионална акција на ЕУ за искоренување на болести кај животните во Западен Балкан“.

    „Болестите кај животните не познаваат граници, а некои од нив претставуваат сериозна опасност и за луѓето. Симулациската вежба која ја реализираме е од исклучително голема важност, за нас како институција која треба да ја тестира сопствената подготвеност на системот за да одговори на предизвикот за справување со оваа болест. Делувајќи регионално, уште повеќе да ја унапредиме соработката и комуникацијата меѓу надлежните институции и ветеринарниот сектор при евентуална појава на болести кај животните“, кажа Николче Бабовски, директор на Агенција за храна и ветеринарство.

    По извршените анализи за денешната вежба, акоу теренски се утврдат некои недоследности, ќе се добијат насоки за корекција и доработка, заради брзо и соодветно справување со болеста.

    Покрај оваа, досега се одржани уште две симулациски вежби, во Црна Гора и во Косово.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира