ВЕЖБА ЗА СПАСУВАЊЕ ЗАТРУПАНИ ВО ЛАВИНА НА ПОПОВА ШАПКА

    ВЕЖБА ЗА СПАСУВАЊЕ ЗАТРУПАНИ ВО ЛАВИНА НА ПОПОВА ШАПКАЕкипите изведоа три вежби за спасување на затрупани во лавина. (Фото: СДК.МК)

    На Шар Планина и на другите наши планини ретко се случуваат лавини од големи размери, но тимовите за спасување од вакви елементарни непогоди редовно се подготвуваат и тренираат како на најбрз и најефикасен начин да помогнат ако некогаш тоа се случи. Вежбата „Спасување од лавина 2022“ беше денес изведена на Попова Шапка од Дирекцијата за заштита и спасување од Тетово, а учествуваа и стручни екипи од Битола, Прилеп, од АРМ и МВР.

    Всушност, екипите изведоа три вежбовни операции за спасување на затрупани лица во лавина, изгубено лице надвор од лавинско подрачје, како и укажување помош на луѓе за слегување од корпа на жичарница при немање електрична енергија.

    Вежбата започна со тоа што тимот за брз одговор на Дирекција за заштита и спасување од подрачно одделение Тетово доби дојава дека на Попова Шапка на меѓустаница за Церипашина дека паднала лавина, при што се исчезнати три лица. Тимот за брз одговор од Тетово веднаш бил мобилизиран и стигнал на местото.

    „Добивме дојава дека на Попова Шапка, на меѓустаницата за Церипашина има паднато лавина која затрупала три лица. Тимот за брз одговор беше мобилизиран и стигна на местото на настанот. Според првичната проценка, увидовме дека ни треба помош и од тимот од Битола кој беше на Попова Шапка кој веднаш ни се приклучи во потрагата по затрупаните. Започнавме сондирање на лавината, но бидејќи беше зафатена поголема површина а конфигурацијата на теренот беше лоша побаравме во потрагата да се вклучат и тимовите на АРМ и МВР со кучиња трагачи. Во претрагата беше најдено едно ‘починато’ лице, кое со ски санка беше транспортирано до пунктот на Црвен крст. Кучињата од АРМ најдоа уште едно ‘починато’ лице. Претрагата продолжи и најдовме и повредено лице, кое не беше во тешка состојба“, ја објаснува вежбата и преземените вежбовни активности Борис Стојановски, лидер на тимот од Тетово.

    Освен пронаоѓање затрупани лица во лавина, спасувачките тимови извршиле вежби и за пронаоѓање лице кое залутало во планината, како и во спасување на заглавени лица во жичарницата.

    „Во оваа вежба тимот доби информација дека жичарницата кон Церипашина не работи, а на трасата се наоѓаат скијачи. За спасување на овие лица го повикавме тимот од Прилеп кој е специјализиран за ваков вид спсување. Со заеднички сили успеавме да извршиме евакуација на скијачите од корпата на жичарницата до долу со што и оваа акција успешно заврши “, вели Стојановски според кого, клучна работа при ваквите несреќи е добрата координација на тимовите што учествуваат во спасувањето.

    „За да се избегнат вакви несакани последици од лавини кои можат да зафатат луѓе и да предизвикаат голема материјална штета, потребна е едукација на населението за опасностите што може да ги предизвика лавината. Препораката е луѓето и скијачите да не се движат по т. н. лавински подрачја каде се претпоставува дека е можно да има лавина, туку да одат на работ од долината. Исто така не треба да се оди групно, а треба да се знае и како се пресече лавината. Планинарите и алпинистите го знаат тоа и обично ја пресекуваат лавината така што, ако се најдат во лавинско подрачје растојанието од еден до друг човек треба да биде 50 метри и така да се движат“, појаснува Стојановски.

    Според него, правило и препорака е кога ќе заврне снег три дена да не се оди во планина поради тоа што снегот не е стабилен. Тој исто така апелира за време на скијање и планинарење луѓето да се однесуваат дисциплинирано.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира