ВИКЕНДОВ 57 КАЗНИ ЗА ПАРКИРАЊЕ ВО ЗЕЛЕНИЛО НА ВОДНО, 3.500 ГРАЃАНИ СЕ ВОЗЕЛЕ СО ЖИЧНИЦАТА

    ВИКЕНДОВ 57 КАЗНИ ЗА ПАРКИРАЊЕ ВО ЗЕЛЕНИЛО НА ВОДНО, 3.500 ГРАЃАНИ СЕ ВОЗЕЛЕ СО ЖИЧНИЦАТАОд Градот велат дека секој викенд инспекторите патролираат на Средно Водно, за да се избегне метежот од паркирани возила во зеленилото покрај патот. (Фото: Град Скопје)

    Комуналните инспектори на Град Скопје викендов казнија 57 граѓани за паркирање во зеленило на Водно. Од Градот велат дека секој викенд инспекторите патролираат на Средно Водно, за да се избегне метежот од паркирани возила во зеленилото покрај патот.

    „Бесплатниот автобуски превоз викендов го искористија над 4.000 патници на трите бесплатни автобуски линии кои прават 29 тури дневно кон Средно Водно. Паркингот на Водно викендов го искористиле 376 возила според бројот на испратени смс пораки. Жичницата работеше со полн капацитет и превезени се околу 3.500 патници“, велат од Град Скопје.

    За да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено и спречување метеж од возила за време на викендите, Град Скопје воведе бесплатен автобуски превоз. На паркиралиштата на Средно Водно е воведено зонско паркирање, првиот час чини 100 денари, а потоа за секој час се наплатува по 50 денари.

    Градот Скопје апелира до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира