За време на продолжениот викенд ќе заврши реконструкцијата на улицата 11 Октомври кај Зелено пазарче. Овој потег почна да се прави минатата среда и оттогаш во центарот на градот се создаваат гужви, метеж и колони возила од Црвен крст до Рекорд.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека денеска и утре ќе се асфалтира коловозот, а за време на продолжениот викенд ќе се работи на крстосницата кај Собранието.
„Очекувам после продолжениот викенд овој потег целосно да биде завршен. Синоќа завршивме со асфалтирање на булеварот Александар Македонски на потегот од влезот на Скопје кон Автокоманда во должина од околу 5,3 километри и од денеска е пуштен во сообраќај. Гужвите поминаа, квалитетната инфраструктура останува“, вели градоначалникот Шилегов.
Градежните активности за реконструкција на булеварот Александар Македонски од денеска продолжуваат во правец кон излезот на Скопје, исто така, во должина од 5,3 километри. На овој потег по завршување на коловозот ќе се работи на изградба на велосипедска патека, за што Градот изврши експропријација на земјиште.
А. АНТЕВСКА