Во Винскиот музеј на Град Кавадарци се чува шише вино старо безмалку сто години. Тоа е подарок од семејството Велкови, произведено 1926 година, кое е меѓу бројните експонати.
„Семејството Велкови поседува повеќе такви примероци и едно ни даде нам за чување и експонат за гостите. Тоа е бело вино“, вели Томе Крстевски, виш кустос-етнолог во Музејот на Град Кавадарци.
Виното е сместено во т. н. вински подрум од зградата на Музејот, каде има повеќе предмети кои зборуваат за развојот на лозарството и винарството во Тиквешијата. Има предмети кои датираат од 2. век п.н.е. кои се прилог дека уште тогаш на овие простори се произведувало вино.
Повеќето предмети и експонати се подарок од првата приватна винарија на Балканот, формирана во Кавадарци од фамилијата Велкови во 1885, која произведувала вино и ракија.
„Има примероци кои датираат од крајот на 19. и од почетокот на 20. век. Сите се од семејството Велкови. Тоа е пумпа за преточување течност од сад во сад, преса за пресирање грозје и добивање гроздов сок, потоа муљач, што сега е машина за мелење, а тогаш го викале „ламја“ бидејќи собирала еден кош грозје“, вели Крстевски.
Домаќините велат дека просторот е многу посетен, оти го доловува подрумот од еден дом во Тиквешијата кој одгледува грозје и произведува ракија или вино. Подрумот е изработен од природни материјали, како глина, кал, слама и трска и е дело на ликовниот уметник од Кавадарци, Ристо Соколов-Сокол.
„Меѓу другото, имаме фотографија од тројцата браќа Велкови со казан, кој собирал 600 кила комиње. Го викале султан оти имал импозантна големина за казан за печење ракија“, вели Крстевски.
П. ПЕЧКОВ