ВЛАДАТА ДА ГО ОТПИШЕ ДОЛГОТ ОД 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА НА „ВОДОВОД“ КОН „ВОДОСТОПАНСТВО“ КАКО ВО ДРУГИТЕ ГРАДОВИ, БАРА СОВЕТОТ НА КУМАНОВО

    ВЛАДАТА ДА ГО ОТПИШЕ ДОЛГОТ ОД 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА НА „ВОДОВОД“ КОН „ВОДОСТОПАНСТВО“ КАКО ВО ДРУГИТЕ ГРАДОВИ, БАРА СОВЕТОТ НА КУМАНОВОЗад барањето за покривање на долгот nна „Водовод“ застанаа советниците на Наше Куманово, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА и Алијаnса на Албанците, ГРОМ, Алтренатива и Левица. (Фото: СДК.МК)

    Кумановскиот Совет бара од Владата да го отпише стариот долгот на ЈП „Водовод“ кон АД „Водостопанство“ во висина од 151 милион денари (околу 2,5 милиони евра) за да се одблокира сметката на претпријатието и тоа да може нормално да функционира. Тие тврдат дека ваква финансиска поддршка добиле јавни претпријатија во други градови, кои на исти начин создале долгови не по нивна вина како и комуналното претпријатие од Куманово.

    „Едногласно, сите политички партии во Советот бараме од Владата да обезбеди финансиски средства за отпишување на долгот на ЈП ‘Водовод’, по примерот на донесената одлука на Влада од 21.12.2021 година кон ЈП ‘Комуналец’ од Струмица во износ од 84 милиони денари и долгот на ЈП ‘Берово’ во износ од 6 милиони денари. Се надеваме дека како на овие две претпријатија ќе се помогне и на нашето, бидејќи заслужуваме еднаков третман со другите општини“, кажа Ивана Ѓорѓиевска, претседателката во Советот на Општина Куманово.

    Зад барањето за покривање на долгот застанаа советниците на Наше Куманово, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА и Алијаnса на Албанците, ГРОМ, Алтренатива и Левица.

    ЈП „Водовод“ кое купува сирова вода од „Водостопанство“ се соочува со долгови стари десетина години, бидејќи во времето кога на централна власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а на локална СДСМ, двете претпријатија не можеа да се договорат околу цена на водата, па граѓаните постојано имаа проблеми со водоснабдувањето. Тогаш „Водостопанство“ фактурираше по цена која нему му одговара, а „Водовод“ тврдеше дека таа е нерелна и превисока. Од 2019, кога цената на водата ја дефинира Регулаторната комисија, нема проблеми во подмирување на обврските меѓу претпријатијата.

    ЈП „Водовод“ во моментот се соочува и со сериозни финансиски проблеми поради високите сметки за струја, бидејќи стопанисува со најзначајните инфраструктуирни објекти во градот: Фабриката за преработка на вода за пиење, Станицата за пречистување на отпадни води и пумпите за вода на алтернативните бунари. Поради неплатени сметки за струја на средината на минатиот месец беше исклучена административната зграда и двата наплатни центри, со одлука на Кумановскиот суд.

    „Од 1 септември повторно сме вклучени на дистрибутивната мрежа на ЕВН како снабдувач во краен случај. Тоа значи дека цената на електричната енергија ќе ни биде за 50 отсто повисока од она што е на берзата, бидејќи тоа е договорот со ЕВН, се додава маржа од 50%. Ако цената по мегават/час е по 800 евра, за ЈП ‘Водовод’ во сметката за септември ќе биде 1200 евра мегават/час. Тоа значи дека за август очекуваме сметка од 11 милиони денари, а за септември околу 15 милиони денари. За истиот период лани плаќавме од 1,2 до 1,4 милион денари, што е за 10 пати повеќе“, изјави Оливер Стојмановски, директор на ЈП „Водовод“.

    Претпријатието во рамките на своите можности месечно плаќа околу 3 милиони денари за електрична енергија, бидејќи работи под блокада, но доколку не добијат помош од државата или општината ќе се доведе во прашање нивната работа. Прва на удар ќе биде исклучување на Пречистителната станица за отпадни води што ќе доведе до еколошка катстрофа во регионот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира