ВЛАДАТА ЈА ПРЕДАДЕ САЛАТА „РАСАДНИК“ НА ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА, ФИРМАТА „ИМПЕРИАЛ ДАНЕЛА“ КОЈА ЈА МЕНАЏИРАШЕ УШТЕ НЕ ГИ ПЛАТИЛА ДОЛГОВИТЕ

    ВЛАДАТА ЈА ПРЕДАДЕ САЛАТА „РАСАДНИК“ НА ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА, ФИРМАТА „ИМПЕРИАЛ ДАНЕЛА“ КОЈА ЈА МЕНАЏИРАШЕ УШТЕ НЕ ГИ ПЛАТИЛА ДОЛГОВИТЕЈавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт кое ја издаде под закуп во 2002, по судски пат ќе бара да се подмири долгот со оглед на тоа дека од фирмата никој не се јавува на нивните повици. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Општина Кисела Вода го презеде управувањето со спортската сала Расадник. Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт ја предаде салата во владение на Општината, откако го раскина договорот со фирмата „Империал Данела“.

    Фирмата „Империал Данела“ ја доби салата под концесија на 25 години во 2002, за месечната кирија од 1.000 евра. Но, наместо да направи современ спортски центар, ја уништи и ја остави во долгови, односно должи за кирија 180.000 евра, а за струја 50.000 евра.

    Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека Општината нема да има никаква обврска за подмирување на долговите кои ги остави „Империал Данела“. Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт кое ја издаде под закуп во 2002, по судски пат ќе бара да се подмири долгот со оглед на тоа дека од фирмата никој не се јавува на нивните повици.

    Со овој чин, ставаме крај на 30-годишната негрижа која овој објект го претвори во руина, во демолиран, небезбеден и целосно уништен простор кој од најголема гордост, стана најголем срам, не само за Кисела Вода, туку и за цела Македонија. Општината сега ќе направи проект, по што ќе се распише тендер за избор на фирма која ќе ја реконструира салата. Очекувам до крајот на годинава градежните работи да почнат“, вели Ѓорѓиевски.

    САКАМДАКАЖАМ.МК пред еден месец направи обиколка на салата и објави текст дека таа се распаѓа, затрупана во ѓубре. Објектот однадвор е со искршени прозорци, демолирани и исшарани влезни врати. Вратите не се заклучени, па секој може да влезе, дури и деца иако станува збор за небезбеден и опасен објект. Сликата внатре во салата е ужасна, како да претрпела ураган или бомбардирање.

    Освен што е валкана и затрупана со ѓубре и стакло, сè што има во неа е искршено. Демолирани се столчиња и расфрлани на сите страни. Подот е оштетен, затрупан со ѓубре, измет и расфрлани реквизити и дресови кои некогаш ги користеле спортистите. Кошевите се искршени и лежат на подот, а головите за ракомет искинати. На скалите лежат пцовисани птици. Од таванот висат парчиња и шипки, па впечатокот е дека секој момент ќе почне да се паѓаат делови.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира