САЛАТА „РАСАДНИК“ СО КОЈА МЕНАЏИРА ФИРМАТА „ИМПЕРИАЛ ДАНЕЛА“ СЕ РАСПАЃА ЗАТРУПАНА ВО ЃУБРЕ, А ДРЖАВАТА НЕ МОЖЕ ДА СИ ЈА ЗЕМЕ НАЗАД ОТИ НИКОЈ ОД ФИРМАТА НЕ СЕ ПОЈАВУВА НА ПРИМОПРЕДАВАЊЕ

    САЛАТА „РАСАДНИК“ СО КОЈА МЕНАЏИРА ФИРМАТА „ИМПЕРИАЛ ДАНЕЛА“ СЕ РАСПАЃА ЗАТРУПАНА ВО ЃУБРЕ, А ДРЖАВАТА НЕ МОЖЕ ДА СИ ЈА ЗЕМЕ НАЗАД ОТИ НИКОЈ ОД ФИРМАТА НЕ СЕ ПОЈАВУВА НА ПРИМОПРЕДАВАЊЕСтолчињата се демолирани, кошевите се искршени и лежат на подот, а головите за ракомет искинати. На скалите лежат псовисани птици. Од таванот висат парчиња и шипки. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Не може да се изврши примопредавање на салата „Расадник“ во скопска Кисела Вода помеѓу концесионерот „Империал Данела“ и државата. Никој од фимата која стопанисува со објектот не се појавува на закажаниот термин. За 13 март годинава во 12 часот било закажано примопредавање на објектот, кое требало да се изврши во самата сала. На закажаниот термин дошле претставници на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт на државата и на Општина Кисела Вода. Претставник од „Империал Данела“ не се појавил, иако, според документацијата што ја има на увид редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК, поканата била уредно примена.

    На лице место било констатирано и направен бил записник дека салата е целосно уништена, демолирана и не е безбедна поради несовесното и недомаќинско користење и одржување од закупецот „Империал Данела“. Не било извршено примопредавање на објектот.

    Направен е записник дека салата е целосно уништена, демолирана и не е безбедна поради несовесното и недомаќинско користење и одржување од закупецот „Империал Данела“.  (Фото: Ѓ. Личовски)

    САКАМДАКАЖАМ.МК направи обиколка на салата. Однадвор затекнавме објект со искршени прозорци, демолирани и исшарани влезни врати. Вратите не се заклучени, па секој може да влезе, дури и деца иако станува збор за небезбеден и опасен објект. Сликата внатре во салата е ужасна, како да претрпела ураган или бомбардирање. Освен што е валкана и затрупана со ѓубре и стакло, сè што има во неа е искршено. Демолирани се столчиња и расфрлани на сите страни. Подот е оштетен, затрупан со ѓубре, измет и расфрлани реквизити и дресови кои некогаш ги користеле спортистите. Кошевите се искршени и лежат на подот, а головите за ракомет искинати. На скалите лежат пцовисани птици. Од таванот висат парчиња и шипки, па впечатокот е дека секој момент ќе почне да се паѓаат делови.

    На сите страни има искршени стакла, па движењето низ салата е небезбедно и мора да е внимателно оти многу лесно некој може да згази парче стакло и да се исече. Соблекувалните и канцелариите се демолирани, паѓаат дури и парчиња од ѕидовите. Има вирови вода, кабли и расфрлани парчиња што некогаш биле канцелариски мебел.

    Кошеви се искршени, мрежите на головите искинати. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вработени во околните згради и деловни објекти со кои разговаравме ни рекоа дека салата работела само неколку години откако била дадена под концесија, а потоа е оставена да пропаѓа.

    „Целиот објект и просторот околу е небезбеден, но и покрај тоа ниту е заградена ниту е затворена. Секој може да влезе. Стравуваме дека еден ден ќе избие пожар“, велат граѓани.

    Партијата СДСМ во изборната кампања за градоначалник на Скопје во 2021 година објави документи дека фирмата „Империал Данела“ е на градоначалничката Данела Арсовска.  Тогаш од партијата кажаа дека Арсовска имала долгови за кирија кон државата од околу 130.000 евра, и за струја од над 50.000 евра. Арсовска беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и стана градоначалничка, но приказната за салата „Расадник“ остана неоткриена. Таа тогаш се закануваше дека ќе тужи, а денеска, како градоначалничка вообичаено не одговара на новинарски прашања кои не ѝ се допаѓаат.

    Сите прозорци се искршени. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Според документите до кои дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, салата е издадена под закуп во 2002 година. Договорот е склучен меѓу Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на државата и фирмата „Империал Данела“. Во договорот стои дека објектот се доделува на користење на 25 години односно од 1 јануари 2002 година до 31 декември 2026 година, а месечната кирија е 1.000 евра.

    „Закупувачот се обврзува во објектот да изврши реновирање на кровна конструкција, поставување паркет на теренот, реновирање на соблекувални, обновување на системот за греење, набавка на спортски реквизити , уредување на просторот околу салата. Сите инвестициски зафати треба да се завршат до 2010 година“, стои во договорот.

    Ѕидовите се распаѓаат. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На 25 септември 2002 година склучен е и анекс на договорот, со кој фирмата „Империал Данела“ го добива под закуп и дворот околу салата со површина од 7.800 метри квадратни. Со анексот се предвидува изградба на хотел со 24 легла, пет терени за сквош, фитнес центар, базен и 15 бунгалови.

    Но, не само што овие услови од договорот не се исполнети, туку салата е уништена и оставена со долгови за неплатени кирии и сметки за струја.

    Владата за првпат за салата расправала во 2019 година, кога се носи одлука да се додели на Општина Кисела Вода. Од јавното претпријатие по ваквата одлука на Владата испраќаат покани до фирмата „Империал Данела“ да се изврши примопредавање на објектот, да се подмират сите долгови и да се направи увид во каква состојба е објектот. Но, одговори од фирмата не добиваат.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира