ВЛАДАТА ЌЕ ГИ РЕВИДИРА ПРОЕКТИТЕ ФИНАНСИРАНИ ОД ТАВ ПО РЕАКЦИИТЕ ДЕКА ПАК ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА ПОКРИВОТ НА ЕКОНОМСКОТО УЧИЛИШТЕ ВО ВЕЛЕС ОБНОВЕН ЛАНИ

    ВЛАДАТА ЌЕ ГИ РЕВИДИРА ПРОЕКТИТЕ ФИНАНСИРАНИ ОД ТАВ ПО РЕАКЦИИТЕ ДЕКА ПАК ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА ПОКРИВОТ НА ЕКОНОМСКОТО УЧИЛИШТЕ ВО ВЕЛЕС ОБНОВЕН ЛАНИНие воопшто не бевме прашани што ни е приоритет при распределбата на тие средства, вели градоначалникот Аце Коцевски. (Фото: СДК.МК)

    Владата објави дека во Општина Велес, со дел од парите кои беа предвидени за изградба на карго аеродром од Штип е предвиден проект за реконструкција на фасада и кров на средното економско училиште „Јовче Тесличков“ со 2,97 милиони денари. Локалната власт во Велес пред една година објави дека е завршена реконструкција на кровот на училиштето, проектот вреден 6.5 милиони денари, од кои 3.1 милион денари грант преку Министерството за финансии од Меѓународната банка за обнова и развој, а 3.4 милиони денари обезбедени од општинскиот буџет. Градоначалникот на Велес Аце Коцевски е незадоволен како Велес помина во распределбата на средствата.

    „Ние воопшто не бевме прашани што ни е приоритет при распределбата на тие средства. Кровот лани го реконструиравме, може да ги искористиме за промена на фасада. Претходно конкуриравме за промена на фасада преку Министерство за образование, тие го прифатија проектот, но откако Владата одобри Министерството се откажа. Можеше овие средства од Владата да се искористат за изградба на водоводна мрежа во населба Речани, но нас не не` прашаа“, кажа Коцевски.

    Стариот дотраен дрвен кров на Економското училиште во Велес беше во лоша состојба и поради тоа беше заменета штетната по здравје азбесна покривка со нова. Од Владата одговорија дека дел од проектите кои добија средства се ревидираат и се прави нова листа.

    „Инфраструктурните проекти на општините веќе беа поднесени во Владата пред донесување на одлуката за прераспределба на средствата на ТАВ за изградба на карго аеродромот во Штип, некои од нив општините веќе ги имаат реализирано или започнато со реализација. Листата се ревидира и ќе биде донесена нова листа со проекти на општините кои во моментов се важни за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните„ е одговорот од Владата на прашањето како се случи да се доделат средства за проект кој е реализиран пред една година.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира