ВЛАДАТА ЛАНИ ИСПЛАТИЛА 30 МИЛИОНИ ЕВРА НА МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ, ВОЗАТ САМО 6 ВОЗОВИ И ТОА НЕРЕДОВНО, А ПАТНИЦИТЕ ВО 2023 БИЛЕ ПОСРЕЌНИ ОД 2022

    ВЛАДАТА ЛАНИ ИСПЛАТИЛА 30 МИЛИОНИ ЕВРА НА МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ, ВОЗАТ САМО 6 ВОЗОВИ И ТОА НЕРЕДОВНО, А ПАТНИЦИТЕ ВО 2023 БИЛЕ ПОСРЕЌНИ ОД 2022И покрај високиот удел државни пари што се исплаќаат за услуги на Македонската железница, не е можно да се патува со воз секаде каде што има пруга во земјава. (Фото: СДК.МК)

    Околу 1,8 милијарди денари (30 милиони евра) добиле од Владата во 2023 двете фирми на Македонски железници (МЖ), Инфраструктура и Транспорт, за да може да се одржува железничкиот сообраќај во земјава. АД МЖ Транспорт добила 640 милиони денари и 900 милиони како влог во акции, додека ЈП МЖ Инфраструктура добила 310 милиони денари.

    Од јуни 2021 не сообраќаат возовите кон Кочани и Кичево, од почетокот на 2023 кон Табановце и Куманово. Патничкиот железнички сообраќај е редуциран поради намалениот број на патнички гарнитури и локомотиви. (Фото: МЖ)

    За споредба, во 2019 Владата на МЖ Транспорт исплатила 430 милиони, додека на МЖ Инфраструктура 353 милиони денари. Но и покрај толку силната финансиска помош, железницата во Македонија е во крајно лоша состојба, со мал број патнички линии, со возови кои се нередовни поради дефекти и бојкот на вработените поради неисплатени плати, и возови кои до Велес наместо за 50 минути се случува да патуваат и по 4-5 часа. Сепак, патниците ѝ дале на МЖ повисока оценка за услугите во 2023 отколку во 2022.

    „Договорот со МЖ Транспорт за финансиската поддршка е за нудење квалитет на услуги, додека со ЈП МЖ Инфраструктура за одржување на пругите во Македонија“, велат од Министерството за транспорт и врски на прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК како се трошат парите кои се префрлаат на овие два правни субјекти кои го организираат и одржуваат железничкиот сообраќај во Македонија.

    Неколку години Македонија е изолирана за меѓународни патнички возови, нема ниту кон Грција, ниту кон Србија, ниту кон Косово. (Фото: СДК.МК)

    За јавноста, тоа се пари со кои се обезбедува плата за вработените во железницата, оти бројот на патници во земјава од година во година опаѓа, транспортот на стока не е во толкав обем за да може да ги обезбеди платите. Згора на тоа, уште функционира бесплатен превоз за ученици и студенти во среда и четврток, и секој втор викенд има бесплатен превоз за пензионери или за млади.

    И покрај високиот удел државни пари што се исплаќаат за услуги на Македонската железница, не е можно да се патува со воз секаде каде што има пруга во земјава. Од јуни 2021 не сообраќаат возовите кон Кочани и Кичево, од почетокот на 2023 кон Табановце и Куманово. Патничкиот железнички сообраќај е редуциран поради намалениот број на патнички гарнитури и локомотиви. Но и покрај тоа МЖ Транспорт, која е задолжена за движните средства, не започнала постапка за нова набавка.

    Од шесте кинески патнички возови набавени 2015, од четирите дизел три се неисправни, а едниот сообраќа кон Битола, сообраќаат и двата електрични кон Гевгелија. (Фото: СДК.МК)

    „Немаме преземено никаква активност околу започнување на постапка за набавка на патнички гарнитури и локомотиви. Причина е што нашето претпријатие се наоѓа во тешка финансиска состојба. Доколку не добиеме финансиска помош од Владата не можеме сами да ги набавиме“, кажа Тоше Силјановски, директор на товарен сообраќај во МЖ Транспорт.

    Во Македонија активни се шест патнички воза, и тоа три локала кон Велес, два кон Гевгелија и еден кон Битола. Неколку години Македонија е изолирана за меѓународни патнички возови, нема ниту кон Грција, ниту кон Србија, ниту кон Косово. Лани, еден од успесите на МЖ беше пуштањето на железничка делница од Битола за Жабени, ставена во функција по 36 години. Возот на оваа релација, без патници оти немало интерес, патуваше од 1 февруари до 26 октомври.

    Од шесте кинески патнички возови набавени 2015, од четирите дизел три се неисправни, а едниот сообраќа кон Битола, сообраќаат и двата електрични кон Гевгелија. Поради неисправноста на патничките гарнитури од 26 октомври лани, од три на само еден воз се намали патничкиот сообраќај од и кон Битола. Од трите набавени кинески локомотиви во 2016 исправна е само една. На располагање се и една таканаречена „романка“ која се репарираше лани пролетта и две локомотиви наречени „кенеди“. Со нив се одвива товарниот сообраќај во земјава но и меѓународниот, кој го поврзува солунското пристаниште со Средна Европа. За време од 52 дена прекин на товарниот сообраќај од 14 ноември лани до 5 јануари годинава поради оштетување на Железничкиот мост на реката Црна, МЖ Инфраструктура претрпела загуба од најмалку 1,5 милиони евра. Лошата состојба со возниот парк кулминираше лани на 25 декември, кога во земја со шест пара патнички возови сообраќаше само еден од и за Гевгелија, останатите беа во прекин бидејќи немаше возови.

    Во текот на 2023 година имаше шест бојкоти од вработените поради доцнењето на платата, па возовите не сообраќаа. Есента не сообраќаа и поради горењето на железнички прагови од запалените стрниште во околината пругата во Прилепско, но и кај Лозово, каде и така со години не сообраќаат возови.
    Сепак, во ваква состојба, кога не се знаеше кога и кој воз тргнува, има или нема воз, патниците дале повисока оценка за услугите на МЖ лани отколку претходната година.

    Пругата за Кочани не работи со години. (Фото: СДК.МК)

    „Услугите на МЖ според анкетите на испитаниците во 2023 година, на скала од 1 до 5 се оценети со 2.91 што е подобро од 2022 кога е оценета со 2.76“, соопшти Агенцијата за регулирање на пазарот во железничкиот сектор.

    Од МЖ Транспорт соопштија дека до крајот на ноември 2023, со железницата биле превезени 267.186 патници. За споредба, според податоците на Заводот за статистика, во 2011 со воз патувале 1,4 милион патници, а најмалку патници имало во пандемиските 2020 со 252.218 и 2021 со 253.058 патници, за да во 2022 бројот на патници скокне на 405.000.

    Празна железничка станица. (Фото: СДК.МК)

    Иако се најавуваше дека до крајот на 2023 ќе бидат пуштени во сообраќај двата од есента укинати патнички воза од и за Битола, тендерската постапка на МЖ Транспорт за набавка на резервни делови за кинеските патнички возови открива дена тоа нема да се случи до крајот на месецов, оти понудите се доставуваат до 26 јануари.

    Во МЖ во тек е големата инвестиција за изградба на пругата кон Бугарија. Делницата Куманово-Бељаковце во должина од 31 км е изградена со 45%, од Бељаковце до Крива Паланка должината е 34 км реализирани со 18%, а третата делница од Крива Паланка до граница со Бугарија е во должина од 24 километри. Инвестицијата за првите две фази изнесува околу 200 милиони евра.

    Спуштени сигнали, а возови нема. (Фото: СДК.МК)

    Македонија и Србија во ноември лани потпишаа Меморандум за соработка за изградба на брза железничка линија од Скопје до Ниш. Пролетта, тогашниот директор на МЖ Инфраструктура Хари Локвенец кажа дека за таква пруга потребно е да се промени трасата.

    „Коридорот 10 е по долина на реката Вардар. Проблем се кривините кои ја определуваат брзината на железничкиот сообраќај. На оваа делница токму поради тоа не може да се зборува за брза пруга. За да имаме брз пруга, што се залага ЕУ, потребно е коридорот да се помести 10 км источно, за да биде трасиран во Овче Поле. И таму ќе имаме брза пруга. Би требало да биде од Миладиновци до Миравци, проценета цена на оваа инвестиција 4 милијарди евра“, кажа тогаш Локвенец.

    П. ПЕЧКОВ

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира