ВМРО-ДПМНЕ НЕ ЗНААТ ДА РАЗЛИКУВААТ ТРЕВНИК ОД ПЛОЧНИК, ПА ШИРАТ ЛАГИ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ ЗА ТВРДЕЊАТА ДЕКА ПОТРОШИЛ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ЗА ТРЕВАТА НА ПЛОШТАД

    ВМРО-ДПМНЕ НЕ ЗНААТ ДА РАЗЛИКУВААТ ТРЕВНИК ОД ПЛОЧНИК, ПА ШИРАТ ЛАГИ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ ЗА ТВРДЕЊАТА ДЕКА ПОТРОШИЛ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ЗА ТРЕВАТА НА ПЛОШТАДГрадоначалникот Шилегов вели дека на ВМРО-ДПМНЕ им пречи граѓаните да прават споредба што значи квалитет на јавен простор сега, а што и какво беше лудилото со јавниот простор во нивно време. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Жално е што ВМРО-ДПМНЕ и нивната советничка група во Град Скопје не знаат да разликуваат основни работи, тревник од плочник, па држат прес-конференции со небулозни тврдења“, вели градоначалникот Петре Шилегов. Реакцијата на Шилегов следува откако денеска советничката група на ВМРО-ДПМНЕ одржа прес-конференција на која кажа дека Шилегов потрошил 33 милиони денари пари на граѓаните за тревата на Плоштад Македонија и дека Скопје го има најскапиот тревник во светот.

    „Уште еднаш ќе повторам дека 33 милиони денари чини уредување на плочникот, поставување урбана опрема и садење на висококвалитени дрвја. На ВМРО-ДПМНЕ им пречи граѓаните да прават споредба што значи квалитет на јавен простор сега, а што и какво беше лудилото со јавниот простор во нивно време. Времето кога граѓаните за 3 врби во реката Вардар плаќаа 220 илјади евра е одамна поминато. Тоа му е јасно и на ВМРО-ДПМНЕ, па токму заради таа своја немоќ се служат со лаги и невистинити небулози“, вели Шилегов.

    Дека половина милион евра ќе чини уредување на плочникот Шилегов кажа и при почетокот на градежните работи на 30 септември лани, кога правеше споредба колку чинел плочникот на Плоштад Македонија кој го правеше неговиот претходник Коце Трајановски.

    „Вкупната инвестиција е 33 милиони денари со вклучен ДДВ, односно 104 евра за метар квадратен, а плочникот на Плоштадот, кој зимно време се лизга и смрди на канализација чини 195 евра по метар квадратен“, рече тогаш Шилегов.

    Градоначалникот Шилегов и вчера на прес-конференцијата кажа дека тревата и поставувањето на саксии со зеленило и цвеќиња е донација на совесни граѓани кои не сакале овој простор да остане раскопан и дека од буџетот на Град Скопје не се дадени пари за него.

    „Град Скопје не може да го уреди овој дел зошто мината власт на ВМРО-ДПМНЕ го продаде за да гради 20-метарска барокна зграда. Кога криминалците ќе си бидат осудени и земјиштето ќе се врати на државата, Град Скопје ќе го уреди и овој дел во јавен простор за граѓаните“, рече Шилегов.

    Парцелата каде сега има трева, ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година ја продаде на албанската фирма „Амадеус груп“ за да градат барокна зграда со таканаречени Шпански скали.

    А. АНТЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира