Најпрвин дојдоа претставници на ВМРО-ДПМНЕ и положија цвеќе пред бистите на паднатите борци. Се фотографираа и откако се поздравија со дел од оние кои доаѓаа исто така да оддадат почит, заминаа. После тоа положија цвеќе претставници на Општинската организација на Сојуз на борци од НОВ и граѓани продолжувачи, како и претставници на СДСМ.
„Според нас, сево ова денеска требаше да го организира Општината. Ние си го имаме зацртано во програмата и секоја година си го одбележуваме. Со локалната самоуправа не сме усогласени, ние повеќе пати ги каниме на вакви празници, никогаш не се одзвале. Едноставно, нѐ игнорираат. Општината нас не кани само на прослава на денот на ослободувањето на градот, но лани не бевме оти им се налутивме“, вели Петар Стефанов, секретар на Општинската организација на Сојуз на борци од НОВ и граѓани продолжувачи на делото.
Од Општина Неготино велат дека со години немало организирање на чествување на 11 Октомври, организирано се одбележувал само денот на ослободувањето на градот. На коментарот дека нема многу знамиња на денешниот празник, оттаму ни одговорија дека купиле педесетина знамиња но дека едноставно биле крадени од граѓани и дека по секој празник, фалеле знамиња.