ВО 2023 ЌЕ БИДЕ ГОТОВ СКОПСКИОТ ЈУЖЕН БУЛЕВАР ПОД ЗЕМЈА, ДО 2025 И ЗГРАДИТЕ НАД НЕГО

    ВО 2023 ЌЕ БИДЕ ГОТОВ СКОПСКИОТ ЈУЖЕН БУЛЕВАР ПОД ЗЕМЈА, ДО 2025 И ЗГРАДИТЕ НАД НЕГОВо моментов се градат столбовите на тунелот за подземната улица. (Фото: К. Попов)

    Подземната сообраќајница на Јужен булевар во строгиот центар на Скопје ќе биде готова во 2023 година. Иако на почетокот на градежните работи во 2018 инвеститорот, турската фирма „Лимак“, најави дека улицата ќе биде завршена за две години, сепак рокот нема да се испочитува. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека станува збор за сериозен проект, а влијание врз динамиката на градежните работи имала и пандемијата на ковид-19.

    „Во моментов, на терен се работат столбовите за тунелот или подземната улица. Кога таа ќе се заврши ќе почне да се гради комплексот ‘Дајмонд’“. Не е возможно прво да се изградат зградите, па потоа сообраќајницата. Оние објекти кои се изградени на Јужен булевар не се дел од комплексот туку за нив е претходно издадено решение за градба и се посебен дел“, вели Шилегов.

    Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од ексградоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи. На прес-конференцијата за стартот на проектот покрај градоначалникот Шилегов, присуствуваа и премиерот Зоран Заев и тогашниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.

    Сообраќајницата треба да биде долга 800 метри, 6 метри под земја и со 6 коловозни ленти. Комплексот на ’Дајмонд Скопје‘ ќе има станбени и деловни објекти, трговски центар, простор за културни активности ресторани, кафулиња. Во комплексот автентично треба да се вклопи и симболот на градот, Старата железничка станица, денес Музеј на град Скопје. Вкупната површина на комплексот ќе биде 325.000 метри квадратни. Максималната висина на објектите кои ќе се градат е приземје плус 20 ката.

    Вкупната инвестиција за овој проект е 250 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира