Во Битола утрово без измерени -21 степен Целзиусов, со што градот денес е најстуден во Македонија. Потопло беше дури и во Берово со -17 степени, Струмица -15, Прилеп -14, Лазарополе и Крушево -12.
Битолчани велат дека синоќа имаа кочан Коледе. И на -16 степени Целзиусови и загаден воздух од 172 микрограми на метар кубен, измерени во 22 часот од мерната станица во центарот на градот, битолчани останаа верни на традицијата и ги запалија коледарските огнови. Овој адет во Битола е стар со децении и ниедна година нема отстапување без разлика на студот.
Дневната температура во Битола денес е -13 степени, со 32 сантиметри снег. Поради ниските температури, снегот е подмрзнат, па дел од улиците се лизгави и се препорачува внимателно движење. Од ЈП „Нискоградба“ велат дека исчистени се улиците од прв и втор приоритет, а се чистат и други улици, но солта делува само до минус седум степени.
Статистиката покажува дека во 1967 Битола го преживеала најстудениот јануари, кога ниските температури под нулата се задржале 31 ден. На зимата од 1967 наликуваше онаа од 2017, кога цел јануари скоро и да немаше денови без температурата под нулата. Температурата најниско паднала во 1979, кога биле измерени -28 степени Целзиусови и во 2005 со триесет степени под нулата, а снег најмногу наврнал во 1983, дури 84 сантиметри. Поради инверзијата на температурата, неретко се случува преку зима во Битола да има многу ниски температури, а на Пелистер да грее сонце.
Ж. ЗДРАВКОВСКА