ВО ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА ИМУНИЗАЦИЈА ТЕРЕНСКИ СЕ БАРААТ И СЕ ВАКЦИНИРААТ НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА ВО ВЕЛЕС

    ВО ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА ИМУНИЗАЦИЈА ТЕРЕНСКИ СЕ БАРААТ И СЕ ВАКЦИНИРААТ НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА ВО ВЕЛЕСМинатата година во Велешко се бележи опаѓање на имунизацијата на предшколските деца, откако во 2024 по епидемијата на магарешка кашлица имаше висок одѕив. (Фото: СДК.МК)

    Во Велес се работи теренски во 20. Европска недела на имунизација на Светската здравствена организација (СЗО) која трае од 19–25 април. Годинашното мото е „Заштитуваме генерации, вакцините делуваат“.

    „Акцентот на нашата служба оваа недела е на теренската вакцинација, или пронаоѓање на досега непријавени, нерегистрирани деца, т. н. фантоми кои се без документи. Тоа опфаќа домашна посета на пациенти кои се евидентирани кај нас, кои и покрај многуте покани и повици упатени до нив не се јавуват на вакцинација“, вели педијатарката д-р Марина Тодоровска, раководителка на Службата за предшколска вакцинација на деца при Здравствениот дом во Велес.

    Минатата година во Велешко, односно Велес заедно со општините Градско и Чашка, се бележи опаѓање на имунизацијата на предшколските деца, откако во 2024 по епидемијата на магарешка кашлица имаше висок одѕив.

    „Генерално, најголем проблем имаме во градската средина. Тука има родители кои не се одѕиваат и не ги носат своите деца на вакцинација, а при посета на домашна адреса тешко или не контактираат со нас. Од друга страна, семејствата кои се во ранлива категорија, социјални случаи, се многу отворени, стапуваат во контакт со нас. Соработуваат, се радуваат на нашите посети, имаме позитивно искуство и добар резултат со вакцинацијата“, вели  д-р Тодоровска.

    Од СЗО велат дека со децении вакцините безбедно ги штитат луѓето, семејствата и заедниците и продолжуваат да ја чуваат иднината на човештвото. За време на оваа седмица на европска имунизација, од СЗО Европа се фокусирани на четири приоритети.
    Заштита низ генерации, со  истакнување на долготрајното влијание на вакцинацијата и животите што се спасуваат со текот на времето. Поддршка на здравствените работници, со опремување на здравствените работници со вештини и алатки за јасна и емпатична комуникација, за семејствата со прашања или сомнежи. Подобро разбирање, со поттикнување на разбирање кај пошироката јавност за безбедноста и ефикасноста на вакцините за донесуваат одлуки врз основа на проверени информации. Зајакнување на довербата, со заедничка одговорност да ги заштитиме идните генерации преку правичен пристап до вакцинација.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира