Во галопирачки размери расте бројот на заболени пациентки од рак на дојка во Битолскиот Регион. Секој ден се регистрираат по една до две новозаболени пациентки кај кои болеста е во понапредна фаза, рече д-р Александар Димовски, специјалист по радиодијагностика кој беше предавач на едукативната трибина „Раното откривање спасува живот“, која се одржа на Високата медицинска школа во организација на Битолскиот универзитет во соработка со Лигата за борба против ракот.
„Одлучивме да одржиме предавање за да се превенира ракот на дојка кој во нашиот град е во галопирачки размери, има многу пациенти со ваков вид канцер. Бидејќи за време на короната немаше многу прегледи, сега галопирачки расте бројот на болни. Возрасната граница е многу падната, имаме пациентки со по 19 и 20 години, што е застрашувачки“, рече Димовски.
На прашањето кои се причините, рече дека не може да каже дали тие се генетски или загадувањето на околината влијае, но посочи дека кај жените недостига навика за редовни прегледи кои се најважни за рана детекција на болеста.
„Нема никаква навика, затоа овие трибини ги правиме да им кажеме да дојдат на преглед и да вршат самопреглед. Ако некогаш препорачувавме самопрегледите да бидат по 20-та година, сега тоа треба да биде од 15-та години зашто имаме и пацинтки со оваа болест на само 19 години. Препорачувам жените да прават редовни прегледи на ултразвук, како и редовни самопрегледи, посебно 8 дена по менструалниот циклус секој месец. Доколку жената е во менопауза да избере еден ден во месецот и редовно на тој датум да прави самопрегледи. Доколку има промена кај дојките да се јави на доктор“, рече Димовски.
Пациентки кај кои навреме се открила болеста се излекувале, но ако доцна се фати и се прошири завршува фатално. Лигата за борба против рак од Битола, овој месец одржа едукативни предавања и во руралните пелагониски општини Новаци и Могила.
„Имаме секојдневно зголемување на бројката на заболени од карцином. Според податоците што ги имаме, скоро секој ден имаме новозаболени. На нашето подрачје се појавуваат се поголем број на млади луѓе кои се разболуваат“, рече претседателот на Лигата за борба против ракот Стојан Стојановски.
На трибината во Битола присуствуваа поголем број студентки, посебно од Високата медицинска школа.
„Универзитетот се грижи за континуиран развој на своите студенти и за подигање на свеста кај студентите, а во овој случај и кај вработените. Овој број на слушатели покажува дека ниедна од нас не е сама и да се надеваме дека понатаму ќе се применуваат мерките за превенција“, рече професорката Јасмина Буневска-Талевска, проректор за студентски прашања.
Ж. ЗДРАВКОВСКА