ВО КУМАНОВО ЌЕ СЕ ПОСТАВАТ 10.000 ЕЛЕКТРОНСКИ ВОДОМЕРИ СО ЕВРОПСКИ ПАРИ

    ВО КУМАНОВО ЌЕ СЕ ПОСТАВАТ 10.000 ЕЛЕКТРОНСКИ ВОДОМЕРИ СО ЕВРОПСКИ ПАРИСо новата апаратура ќе се откриваат и подземни дефекти, со што загубите на вода треба да се намалат за 25 отсто

    Кон средината на наредниот месец, ЈП „Водовод“ ќе започне со замена на старите електронски водомери со нови во системот на водоснабдување во Општина Куманово. Проектот е финансиран од ИПА фондовите во вкупна вредност од 1,8 милиони евра, а предвидува замена на 10.000 електронски водомери, обука за вработените, набавка на апарати и инструменти за откривање на подземни дефекти и софтвер за зонирање на водоводниот систем во Општина Куманово. Проектот треба да се реализира за една година.

    „Водомерите ќе бидат поставени во станбените објекти, со што на сопствениците повеќе нема да им се нарушува комодитетот нашите инкасатори да влегуваат во нивните домови, туку автоматски ќе се читаат податоците. Водомерите се многу попрецизни од досегашните, кои се застарени и не толку точно го регистрираат протокот на вода. Со овој проект ќе имаме поквалитетна услуга за граѓаните и современа софистицирана опрема за претпријатието“, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Горан Стојковски.

    Во Куманово има 30.000 водомери, а директорот најавува дека во следниот период, според финасиските можности, ќе прават напори за етапно менување на преостанатите стари водомери. Со новата апаратура ќе работат на откривање на подземните дефекти, кои предизвикуваат загуба на 54 отсто од водата што се купува од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“. Се очекува загубите на вода да се намалат за 25 отсто.

    „ЈП ‘Водовод‘ го доби проектот уште во јули 2014 година, но поранешната власт го стопираше од политички причини. Веднаш по смената во Министерството за транспорт и врски, проектот е извлечен од фиока и започна неговата реализација“, вели Стојковски.

    Покрај Куманово, дел од овој проект се и општините Штип, Кочани и Пробиштип и таму замената на водомерите е завршена.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира