Преполовен е бројот на такси возила во Куманово. Акo минатата година во градот вриеше од легални и диви таксисти, сега ги нема со трн да маваш. Граѓаните коментираат дека во Куманово да добиеш такси превоз е исто како да добиеш седумка на лото. Се жалат дека такси не можат да најдат и по еден час, а сè почесто централите на компаниите се исклучени и не се јавуваат на повик.
Од Општина Куманово велат велат дека од почетокот на годината се издадени само 150 лиценци, а минатата година имало 300 лиценцирани таксисти.
Таксистите сметаат дека состојбата допрва ќе се влошува, бидејќи трендот на откажување од бизнисот продолжува, па излезот од ваквата состојба ја гледаат во зголемување на цената на такси превозот, која ќе овозможи достоинствени примања на возачите, да се издржи аморизацијата на возилата и да остане одреден профит со кој ќе се развива дејноста.
Здружението на такси превозници побарало од Советот на Општина Куманово да се зголеми цената на такси превозот од 50 на 80 денари. Дали ќе се прифати нивниот предлог ќе одлучуваат советниците на некоја од наредните седници.
Сопственикот на „Делукс“ Бобан Спасовски потврдува дека е и во неговата компанија, која е најголема во градот, драстично е намален бројот на такси возила што влијае на квалитетот на услугата.
„Јас претходната година имав 100 возила, сега само 50. Им се извинувам на граѓаните што не можеме да ги опслужиме, ама тие ги имаат истите потреби за такси возила, а ние сме со 50 отсто капацитет и не можеме да одговориме. Во Куманово останаа да работат уште 3-4 компании, кои заедно бројат околу 150 возила, а градот во секој момент има потреба од 250-300 активни возила на улица. Што значи дека треба да има минимум 400 лиценцирани такси превозници за да имаме квалитетен такси превоз“, вели Спасовски.
Според него, главни причини за проблемите во такси превозот се недостаток на такси возачи, бидејќи во борба за подобар живот луѓето заминуваат од државата да возат камиони, а втората се најновите измени за такси услугите, начинот на евиденција на дневниот промет, работното време и други новини, кои создаваат дополнителни трошоци и оптоварувања за таксистите.
„Куманово е еден од првите градови кој ја прифати фискализацијата пред 5-6 години, што не беше случај со другите градови. Во меѓувреме, се менуваа законите и се донесе одлука фискалните каси да имаат вграден џипиес уред, со кој во секој момент ќе можат да бидат контролирани од УЈП. Тоа бара дополнителни средства, а бизнисот не дозволува да се покрие тој трошок, па сопствениците на возила почнаа да се откажуваат од работата“, вели Спасовски.
Таксистите кажуваат дека новите измени го ограничуваат работното време на 8 часа, па ако сакаат да работат подолго од предвиденото ќе мора да вработат друг возач. Исто така, големо ограничување им претставува и тоа што такси возилата не можат да ги користат во приватни цели, бидејќи секое возење се регистрира како такси превоз, па и самите ќе треба да плаќаат за услугата по тарифникот.
Во неможноста да одговорат на новите обврски што ги наметнуваат државата и општината од една страна и ниската цена на такси услугата од друга страна, тие масовно се откажуваат од работа или не се лиценцираат и возат на диво.
„Ова е најтешката професија. Никогаш не знаеш кој ќе ти седне во возилото. Ќе го возиш и кога треба да ти плати ќе ти извади пиштол и ќе ти ги земе и твоите пари. Со оваа работа се занимаваат само социјално загрозените семејства. Јас по 20 години работа во фабриката ‘Искра’ останав на улица. Никој не ме прима на работа, а морам да однесам дома пари затоа што имам болна жена. Не од бес туку од зорт сум овде. Немам пари да платам лиценца. Вака не е добро. Возиме за џабе. Нас тарифата ни е 50 денари 5 години наназад, а горивото дупло се зголеми“, разочарано вели еден од таксистите кој работи на диво.
Во последно време, зголемени се и инспекциските контроли заради воведување ред во такси превозот, па нашиот соговорник вели дека минатиот месец три пати го фаќала инспекција и има три казни од по 400 евра, поради немање лиценца и фискална каса, но тој вели дека нема пари да ги плати.
„Иако сметам дека тоа е најнепопуларна мерка и ќе удри по џебот на граѓаните, само така ќе се одвои такси од автобуски превоз, бидејќи не може збирот на три патника со автобуска карта да е еднаков со износот во такси возењето. Ако сакаме да имаме квалитетен такси превоз мораме да имаме цена. Граѓаните ако сакаат да се возат во нови и чисти такси возила мора да платат“, вели Спасовски.
С. НИКОЛИЌ