ВО КУМАНОВО ЗАПИШАНИ 1.143 ПРВАЧИЊА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ НЕ ДОЈДОА ВО ШКОЛО ПРВИОТ ДЕН

    ВО КУМАНОВО ЗАПИШАНИ 1.143 ПРВАЧИЊА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ НЕ ДОЈДОА ВО ШКОЛО ПРВИОТ ДЕНДел од родителите на децата од прво до трето оддление потпишаа изјави дека сакаат децата да следат онлајн настава, бројката е променлива, а до 15 октомври родителите треба да се одлучат каква настава ќе следат нивните деца; - Од приемот на првачињата во школото „Браќа Миладиновци“ во Куманово. (Фото: СДК.МК)

    Вкупно 1.143 првачиња се запишани во новата учебна година во 16 основни училиште во Куманово. На првиот училишен ден во училишните клупи седнаа само оние деца за кои родителите дале согласност да посетуваат настава со физичко присуство.

    „Денеска на училиште тргнаа оние деца чиишто родители потпишале согласност да следат настава со физичко присуство. Дел од родителите на децата од прво до трето оддление потпишаа изјави дека сакаат децата да следат онлајн настава. Ние во моментот немаме точна бројка колку ученици ќе следат со физичко присуство, колку онлајн, бидејќи таа бројка е променлива, родителите можат да се предомислат и да ја сменат одлуката. До 15 овој месец треба да се одлучат каква настава ќе следат нивните деца“, вели Дивна Тодоровска, раководителка во Секторот за образование во Општина Куманово.

    Таа вели дека во првата смена наставата почнала без проблеми, училиштата подготвени ги пречекале учениците по сите предвидени протоколи и заштитни мерки против ковид-19. Училиштата имаат обврска двапати на ден да праќаат извештаи до Министреството за образование за тоа колку ученици присуствуваат на настава и каква е нивната здравствена состојбата.

    На првиот училишен ден, свечен прием и приредба за првачињата организираше училиштето „Крсте Мисирков“. Во Куманово, во новата учебна година во основните училишта има 10.360 ученици и 5.090 во четири средни училишта. Оваа учебна година во прва година во средно образование се запишале 1.152 ученици. Одобрение за настава со физичко присуство добија училиштата во селските средини, каде има помал број на ученици.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира