Доцни испораката на новите еко автобуси на ЈСП „Скопје“ поради пандемијата на вирусот КОВИД-19 и затворените граници. Првите единечни и зглобни автобуси од германскиот производител „МАН“ требаше да стасаат во Скопје кон средината на март.
„Дел од автобусите се готови и чекаат испорака во Скопје. Очекуваме во текот на мај да се обезбедени транспорт и автобусите да стасаат. Скопје е град што вложува во својот развој и покрај тешките услови. Пандемијата ќе помине, животот ќе мора да продолжи, а жителите на Скопје ќе имаат нов јавен превоз“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Според договорот кој беше потпишан лани во септември, ќе бидат набавени вкупно 33 нископодни автобуси, 21 единечен со капацитет за 81 патник и 12 зглобни за 149 патници. Во сите автобуси ќе има дополнителна опрема, како вградени полначи за телефони. Со новите еколошки автобуси годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички.Новите возила имаат пониска бучавост, полесно и поевтино одржување, поголем век на траење.
Набавката на новите еколошки автобуси чини 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Според постигната цена на тендерот, еден единечен автобус чини 263.000 евра, а зглобните по 334.000 евра. Рокот на испорака на сите 33 автобуси е 10 месеци или до јуни годинава, но постигнат е договор со производителот „МАН“, сите автобуси во Скопје да стигнат пред предвидениот рок.
А. АНТЕВСКА