ВО МЕСЕЦОТ НА БУБРЕГОТ СТРУЖАНИ ДОБИЈА БЕСПЛАТЕН СКРИНИНГ ЗА РАНО ОТКРИВАЊЕ БУБРЕЖНИ ЗАБОЛУВАЊА

    ВО МЕСЕЦОТ НА БУБРЕГОТ СТРУЖАНИ ДОБИЈА БЕСПЛАТЕН СКРИНИНГ ЗА РАНО ОТКРИВАЊЕ БУБРЕЖНИ ЗАБОЛУВАЊАГолем број граѓани ја искористија приликата да направат прегледи со мерење крвен притисок, одредување шеќер во крвта и анализа на урина. (Фото: СДК.МК)

    Специјализираната болница за нефрологија – Струга, како дел од активностите за одбележување на месецот на бубрегот спроведе бесплатен скрининг за рано откривање на бубрежни заболувања. Голем број граѓани ја искористија приликата да направат прегледи со мерење крвен притисок, одредување шеќер во крвта и анализа на урина. Од Болницата велат дека врз основа на овие параметри првично може да се следи дали некој потенцијално болен има некој вид бубрежно заболување.

    „На 9 март беше одбележан Светскиот ден на бубрегот под мотото ‘Здравје на бубрезите за сите – да се подготвиме за неочекуваното, да ги поддржиме ранливите’. Нашата болница стои на располагање во секој момент во поглед на сите бубрежни болести, уролошки заболувања и други превентивни прегледи. Интересот денеска е голем, а следниот скрининг ќе го направиме на отворено“, вели директорот на струшка Нефрологија, Александар Попоски.

    Стружани добија препораки и совети за здрав начин на живот.

    „За да останат бубрезите здрави се препорачува физичка активност и вежби, мерење крвен шеќер, мерење крвен притисот и негова регулација, пиење многу течности посебно вода, здрава и правилна исхрана, да не се земаат лекови без препорака на лекар и секако да се остават цигарите“, вели Попоски.

    Според статистиката, во светот 850 милиони имаат некоја форма на бубрежна болест. Кај нас бројката на заболени е 150 илјади, од кои еден процент се на дијализа. Најчести причини за хронична бубрежна болест се дијабетот и хипертензијата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира