ЗГОЛЕМЕН БРОЈ НАПУШТЕНИ ДОМАШНИ КУЧИЊА КОИ СКОПЈАНИ ГИ ЧУВАА ЗА ВРЕМЕ НА КАРАНТИНИТЕ

    ЗГОЛЕМЕН БРОЈ НАПУШТЕНИ ДОМАШНИ КУЧИЊА КОИ СКОПЈАНИ ГИ ЧУВАА ЗА ВРЕМЕ НА КАРАНТИНИТЕПокрај кучиња и мачки се напуштаа и други животни како зајаци, пајчиња, папагали. (Фото: СДК.МК)

    Голем број граѓани за време на пандемијата на ковид-19 и карантините почнаа да чуваат домашни миленици, кучиња или мачки. Но, по олабавувањето на мерките дел од нив ги напуштаат милениците. Во групите за домашни миленци на социјалните мрежи се нудат миленици кои биле чувани една или две години. Напуштени домашни кучиња можат да се забележат и низ населбите во Скопје, особено оние од периферијата.

    Поради сè почестото напуштање на миленици, ЈП „Лајка“ и Зоолошката градина Скопје почнаа кампања за одговорно сопствеништво „Нашите миленици се наше семејство“.

    „Поради сê почестите случаи на напуштани миленици од страна на сопствениците како резулат на попуштањето на мерките од ковид-19, за кои сме сведоци од нашата секојдневна пракса, ‘Лајка‘ во соработка со Зоолошка ја отпочна оваа кампања. Оваа кампања ќе има за цел подигнување на јавна свест против напуштањето на милениците, едуцирање на граѓаните и подигнување на културата за одговорно сопствеништво на повисоко ниво“, велат од ЈП „Лајка“.

    Покрај кучиња и мачки се напуштаа и други животни како зајаци, пајчиња, папагали. Од Зоолошката градина велат дела кај нив често се јавуваат граѓани кои сакаат да ги остават своите миленици кои дотогаш ги чувале дома.

    „Најчесто се работи за зајчиња, само изминатата година имавме околу 300 повици да вдомиме зајчиња, а после Велигден често сакаат да остават и пајчиња бидејќи нелегално се продаваат во тој период. Се напуштаат и морски прасиња, папагали, желки, па дури и змии, но Зоолошката во Скопје нема капацитет да ги прими сите овие животни и да им пружи соодветна нега. Сепак, се тоа миленици кои живееле во стан или куќа и не се мешале со други животни и за нив преставува голем стрес тоа што се носат во нова средина со различни температурни услови. Преку оваа кампања сакаме да ја кренеме свеста кај граѓаните за чувањето миленик и колку е важно да го третираат како член на семејството, а не како играчка која подоцна би ја фрлиле или подариле на друг. Апелираме воопшто да не земаат миленици, доколку во иднина имаат намера да се откажат од нив“, велат од Зоолошката градина.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира