ВО ПОШУМУВАЊЕ НА ВОДНО ЌЕ СЕ ВЛОЖАТ 700 ИЛЈАДИ ЕВРА, НЕМА НИ ДА СЕ ПОЗНАВА ДЕКА ТУКА ПОМИНУВА ГАСОВОД, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    ВО ПОШУМУВАЊЕ НА ВОДНО ЌЕ СЕ ВЛОЖАТ 700 ИЛЈАДИ ЕВРА, НЕМА НИ ДА СЕ ПОЗНАВА ДЕКА ТУКА ПОМИНУВА ГАСОВОД, ВЕЛИ ВЛАДАТАОд Владата појаснуваат дека на Водно ќе се сечат само два хектари шума и просторот потоа ќе се врати во првичната состојба; - Од протестот против изградбата на гасоводот изминатиот викенд (Фото: СДК)

    Околу 43 милиони денари (700 илјади евра) ќе бидат вложени во повторното пошумување на Водно откако ќе заврши изградбата на гасоводот, објави Владата на денешната прес-конференција, ветувајќи дека просторот ќе се врати во првичната состојба. Девет километри од гасоводот поминуваат преку Парк-шумата Водно, што предизвика жестоки реакции и протести на јавноста, бидејќи е предвидено и сечење дрвја во тој појас.

    Директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи кажа дека штетата ќе биде сведена на минимум и потоа со ревитализацијата на просторот нема ни да се забележи дека тука имало градежни активности.

    „Во моментов се градат сите три делници од гасоводот: Штип-Неготино ќе биде завршена до крајот на годината, а на Неготино-Битола и на Скопје-Гостивар преку Тетово се реализирани 25% од градежните активности и ќе завршат до втората половина на 2020 година. Низ Водно треба да помине подземна гасоводна цевка во должина од девет километри, чија широчина успеавме да ја намалиме од 25 на 10 метри. На Водно ќе се сечат помалку од два хектари шума, што е 0,07% од вкупната дрвна маса на Водно, односно 1.400 кубни метри дрво. Теренот потоа ќе се врати во првичната состојба и по неколку месеци, нема ни да се познава дека тука поминува гасовод. Во рекултивација и во пошумување на просторот ќе бидат вложени 42,9 милиони денари“, изјави Реџепи.

    Тој појасни и зошто е невозможно да се прифати барањето на невладините организации за преселба на трасата на Скопска Црна Гора.

    „Тоа е невозможно во оваа фаза. Тоа решение не би било добро од еколошки аспект. Таму би се сечеле дури и повеќе дрвја и гасоводот би поминувал преку ерозивен терен и низ густо населени места и би се вкрстувал со главниот извор на водоснабдување на Скопје. Тоа би значело и одложување на гасификацијата за пет години“, кажа директорот на МЕР.

    Поддржувајќи го проектот на гасоводот, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кажа дека повторното пошумување на Водно не е единствениот голем еколошки проект што се планира за градот.

    „Немаме право да стоиме на патот на гасификацијата на други градови. Изградбата на гасоводот е за доброто на сите нас, но и Скопје не смее да биде жртва на овој процес. Владата и МЕР обезбедија 43 милиони денари за пошумување на Водно, ќе се пошумуваат и соголените падини на Скопска Црна Гора, имаме владина поддршка за зелени коридори долж реките Лепенец и Серава, еден милион денари за градско зеленило, а ќе се носи и закон за Парк-шумата Водно и кањонот Матка. Ова е првпат некој да чепка на Водно и истовремено да обезбеди средства за негова ревитализација“, изјави Шилегов.

    Г. КОНЕВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира