ВО ПРЕСПА НЕМА МЕСТО ЗА ЛЕТУВАЊЕ ДО 30 АВГУСТ

    ВО ПРЕСПА НЕМА МЕСТО ЗА ЛЕТУВАЊЕ ДО 30 АВГУСТВо хотелите, кои ги има едвај пет, сите соби им се резервирани две до три недели однапред, скоро сѐ е пополнето и по бунгаловите, автокамповитите, а полуксузните вили и апартмани се зафатени до 30 август; - Плажата Дупени бич на Преспанското Езеро. (Фото: СДК.МК)

    Преспа ова лето нема доволно места да го смести големиот број туристи кои бараат ноќевање. Затворените граници поради коронаворусот и ваучерите „Дома си е дома“ го наполнија преспанското крајбрежје со гости. Во хотелите, кои ги има едвај пет, сите соби им се резервирани две до три недели однапред. Скоро сѐ е пополнето и по бунгаловите, автокамповитите, а полуксузните вили и апартмани се зафатени до 30 август.

    Ваква навала со туристи имаше во 1980-те години кога и Езерото не беше повлечено, а хотелите „Европа“, „Југославија“ во Отешево, одморалиштето „Мите Богоевски“ и другите бунгалови на државните претпријатија можеа да прифатат неколку пати повеќе туристи од сега.

    „Интересот е голем, од лани доаѓаат многу повеќе туристи. Сѐ е резервирано две до три недели однапред. На почетокот на месецот беше скоро сѐ зафатено до 22 август. Сместувачки капацитети нема доволно“, ни рекоа од хотелот и ресорт „Лејквју“ во Отешево каде има 22 соби, од кои повеќето со поглед кон Преспанското Езеро.

    Поради повлеченото Преспанско Езеро, на повеќето туристички места треба да се шета крај водата, а за капење треба да се изнајми пловен објект и да се оди во подлабокото каде водата е почиста и нема тиња или пак со возила да се патува по околните плажи. (Фото: СДК.МК)

    Угостителските капацитети ќе се наполнеа и да беа двојно поголеми.

    „Секој ден имаме заинтересирани кои бараат сместување. Ова најмногу се должи на ваучерите кои ги подели државата, па иако важноста им е до 15 декември, луѓето сакаат да ги искористат летово. Друга причина се затворените граници, а и капацитетите во Охрид се преполни, па се исполнија до 90 проценти и сместувачките капацитети во Преспа, само ги нема во голем број“, велат од хотелот „Рива“ во Стење, кој располага со 10 соби и 26 легла.

    Хотелот„Рот“ во Коњско, едно од најубавите места во Преспа до каде нема пристап по асфалтен пат туку само по земјен или воден, годинава поради коронакризата не работи за првпат по 10 години. Сопствениците велат дека направиле претсметка оти заработувачката од туризмот нема да може да им ги покрие трошоците за одржување и дезинфекција.

    Цените за ноќевање во Преспа по хотели со доручек чинат околу 900 денари за лице, а има и поевтини понуди. Во хотелот „Лајквју“во Отешево двокреветна соба со дополнителен кревет за дете, поглед на езеро и доручек чини 2.790 денари, во „Рива“ во Стење 900 денари по лице со доручек и сместување во соба со поглед кон езеро. Во Хотелот„Претор“ работат на база на целодневен пансион и ноќевање чини 1.300 денари по лице, хотелот на МВР во Крани нуди пансион по лице од 890 денари.

    Годинава Рибарско Село е целото обрасното во треви. (Фото: СДК.МК)

    Во автокампот „Крани“ да се изнајми бунгалов чини од 1.500 од 1.700 денари, а во него можат да се сместат четири лица. Капацитетите им се преполни четири недели однапред.  Зафатени се дури и поубавите вили во Брајчино, Љубојно и Долно Дупени, села кои не се веднаш крај Езерото, но изобилуваат со природни убавини, чист воздух, пејсажи, архитектура. Сопствениците на апартманските сместувања велат слободни легла ќе имаат дури по 30 август.

    Во вака полна туристичка сезона, она што натажува е повлеченото Преспанско Езеро. На повеќето туристички места, треба да се шета крај водата, а за капење треба да се изнајми пловен објект и да се оди во подлабокото каде водата е почиста и нема тиња или пак со возила да се патува по околните плажи. Погодни за капење се плажите во Стење, дел од Отешево, Претор, Сливница, Крани и Маркова Нога. Не функционираат плажите во делови од Отешево, Царина, годинава Рибарско Село е целото обрасното во треви, делови од Наколец и на други места. Убавата плажа е со ситна песок, а плиткиот дел од езерото има трева и тиња.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира