ВО РЕПРОДУКТИВНИОТ ЦЕНТАР НА ОХРИДСКА ГАЛИЧИЦА СЕ РОДИ МЛАД ЕЛЕН

    ВО РЕПРОДУКТИВНИОТ ЦЕНТАР НА ОХРИДСКА ГАЛИЧИЦА СЕ РОДИ МЛАД ЕЛЕНРепродуктивниот центар на европски елени со 30 единки е оформен кон крајот на 2019. (Фото: СДК.МК)

    Во репродуктивниот центар на планината Галичица се роди млад елен. Во центарот се сместени 30 единки на европски елен, од кои 24 се женки.

    „Репродуктивниот центар на европски елени е оформен кон крајот на 2019. Во неговите рамки има и посебно ограден центар за спасување и рехабилитација на повредени и конфискувани животни, како и прилагодлива, карантинска област”, велат од Националниот парк Галичица.

    Тој започна и со ревитализација на системот на патеки во вкупна должина од 202,6 километри.

    „Таа започна во април, но поради ситуацијата, активностите беа со намален интензитет, секако во согласност со мерките и препораките на Владата за заштита и превенција од коронавирусот. Ревитализацијата ќе биде завршена кон крајот на јуни. Долж патеките ќе бидат заменети 66 информативни табли и повеќе од 100 патокази”, кажаа од паркот.

    Националниот парк Галичица средства за своето работење обезбедува од туризмот, а не само од сечењето на огревно дрво.

    „Оваа година, Националниот парк Галичица донесе одлука за целосно запирање на директното искористување на природните ресурси, односно прекин на производството на огревно дрво. Примарната цел e насочена кон заштитата на природните и полуприродните екосистеми”, порачаа од националниот парк Галичица.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира