Крушевското село Свето Митрани го бие глас дека жителите толку многу ги поделила политиката што и мртовците ги носат во различен трем на опело пред погребот. Гласот се рашири до Битола и Прилеп, дека членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ од Свето Митрани умрените ги опеваат во едниот трем, а нивните политички опоненти од СДСМ во другиот. Тоа се објекти како капели кои се користат за погребални обреди и за задушници.
Во Свето Митрани живеат околу 500 жители, а чудно е тоа што крај единствените гробиштата изградени се два трема на оддалеченост од дваесетина метри. Но, жителите од селото нѐ убедуваа дека нивната градба нема врска со политиката. Велат некој се подбива на нивна сметка , инаку толку многу се сложувале што со оние од другата партија се сакале како светијони (браќа).
На сред село ги затекнавме Алексо Гацовски и Миле Тасевски. Ни рекоа едниот е наклонет кон СДСМ, а другиот од ВМРО-ДПМНЕ, но никогаш не се скарале за политика. Додека партиите секојдневно се препукуваат, се навредуваат, тужат, клеветат, а едните и протестираат против другите, овде луѓето велат „политиката не нѐ дели, ни на овој, ни на оној свет“.
„Кај нас кога има избори се знае кои се за ВМРО- ДПМНЕ, а кои за СДСМ. Завршуваат изборите и нема никаква поделеност. Заедно седиме в продавница, заедно пиеме, се дружиме. Муабети вашите вака направија, нашите онака направија се случуваат само додека е кампањата. Штабови си имаме и ние и тие и тоа не ни смета. Јас на пример сум од ВМРО и ако некој е од СДСМ не гледам во него непријател. Тој има такво убедување, јас поинакво, можеме да седнеме и да го одбериме поквалитетното мислење. Ако размислуваат сите како нас нема да има проблем “, вели Тасевски, инаку вработен како инкасатор во „Комуна Крушево“.
Неговиот сосед Алексо Гацовски вели дека во селото наскоро ќе имаат и две трепезарии за задушница и други верски празници.
„Прво имавме еден трем, па како што растеше селото така одлучивме да изградиме уште еден. Едниот го користат жителите од подолните делови на селото, а другиот оние од горните маала. Имаме една трпезарија, а сега некои одлучија да изградат уште една. Инаку поделеност поради политика нема“, ни рече Гацовски.
Во селото жителите нѐ убедуваа дека имало и случај кога на член на СДСМ му се разболела мајка му, а немал возило да ја однесе на доктор. Тоа го сторил неговиот сосед, инаку симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ , па ѝ го спасил животот. Така од почит почнале да се нарекуваат светијони.
Ова светојонство се случува, народски кажано, на свет имот. Според раскажувањето на жителите, името на селото Свето Митрани е кратеница од Свети Димитрија, поточно црковен имот кој некогаш му припаѓал на Трескавечкиот манастир.
Ж. ЗДРАВКОВСКА