ВО ШТИП ГИ НОСАТ НА ВАКЦИНИРАЊЕ СО АВТОБУС

    ВО ШТИП ГИ НОСАТ НА ВАКЦИНИРАЊЕ СО АВТОБУСАвтобусот што Општината Штип го доби како донација од Кина два дена бесплатно превезуваше деца од нивните домови до Здравствениот дом каде се врши вакцинирање. (Фото: СДК.МК)

    Центарот за јавно здравје и Општината Штип вчера и денеска организираа автобуски превоз за децата кои треба да се вакцинираат. Биле опфатени деца од претшколска и школска возраст кои досега не примиле одредени вакцини. Превозот бил организиран претежно за децата од ромската популација кои живеат во населбите Каваклија, Сењак и 8 Ноември.

    „Општината Штип обезбеди бесплатен автобуски превоз и по повод европската недела на имунизација реализиравме систематски прегледи и вакцинирање за 80 дечиња кои досега од различни причини не ги примиле потребни вакцини. На наше големо изненадување и децата и нивните родители масовно ја прифатија оваа хумана и солидарна акција која е за нивно здравје“ вели Беами Шакиров референт за односи со заедниците во Општината Штип.

    Општината и Центарот за јавно здравје најавуваат дека вакви активности ќе има и во наредните денови со што ќе бидат опфатени и децата од другите населби. Истовремено се спроведувале и едукативни разговори со нивните родители со цел да се упати порака до населението дека акциите не се толку за да се одбележи неделата на имунизација туку заради тоа што со вакцинирањето се заштитува населението и се спречуваат разни болести.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира