ВО ШТИП ОД ПРВИ ЈАНУАРИ ПОСКАПУВА ПАРКИРАЊЕТО, А ВО КАРБИНЦИ ВОДАТА

    ВО ШТИП ОД ПРВИ ЈАНУАРИ ПОСКАПУВА ПАРКИРАЊЕТО, А ВО КАРБИНЦИ ВОДАТАСекојдневното паркирање останува со стара цена од 20 денари за час и по 15 денари за секој нареден час. Се зголемува цената само на месечниот и годишниот билет. (Фото: СДК.МК)      

    Советот на Општина Штип одлучи од први јануари 2019, физичките лица во правни лица со седиште на улици каде се наплаќа за паркирање за месечно и годишно паркирање да плаќаат за 2-3 пати повисоки цени. Месечното паркирање ќе чини 400 денари место досегашните 160 денари, додека годишната од 1.000 се зголемува на 4.000 денари.

    Цената за паркирање за цел ден од 60 се зголемува на 80 денари. Универзалното паркирање во било кој дел на градот исто така поскапува, па услугата за паркирање за еден месец  ќе изнесува 600 денари за разлика од досегашните 400 денари, а годишната услуга ќе се плаќа двојно повеќе па наместо 3.000 денари ќе чини 6.000 денари.

    „Единствено останува старата цена од 1.000 денари за годишно паркирање, која важи само за станарите кои живеат на улиците со платено паркирање. Старите цени остануваат и за секојдневното паркирање, односно 20 денари за еден час плус 15 денари за секој нареден час. Ова е посебно важно за граѓаните од другите градови кои доаѓаат во Штип и најмногу го користат часовното паркирање“, рече Саше Протогеров, раководител на ЈП  „Стипион“ во чија надлежност е паркирањето во Штип.

    Против новите цени гласаа само советниците од опозицијата, кои сметаат дека новите цени се нов удар врз граѓаните, а се воведуваат заради новите партиски вработувања. Власта новиот ценовник го правда со сè поголемата потреба од паркинг простор, затоа што 720 паркинзи не ги задоволуваат потребите. Намерата е и дека со новите цени граѓаните помалку ќе ги користат возилата со што ќе се намали и аерозагадувањето, како и тоа што сега Штип се приближува или е на исто ниво со останатите градови.

    ЈП „Стипион“ од лани воведе плаќање и со СМС пораки кое чини 5 денари. Во неделите паркирањето е бесплатно.

    Во соседната општина Карбинци, исто така со одлука на Советот, јануарските сметки за вода ќе бидат повисоки за 15 проценти. Цената на водата за еден кубен метар од 21 денари се зголемува на 24 денари. Домаќинствата во оваа општина месечно во просек трошат околу 10 кубни метри вода.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира