Дури 200 првачиња помалку од очекуваното се запишани во првиот уписен рок во Штип. Во петте основни училишта според бројот на запишани деца минатите години, се очекувало да запишат 540 првачиња, но до крајот на мајскиот уписен рок биле пријавени само 350 ученици.
Во училиштата не можат да кажат кои се причините за ваквите бројки. Дали се работи за непочитување на законската обврска за задолжително запишување во основно образование или семејствата се иселени во странство. Општинарите смируваат, но за секој случај нивните служби за образование веќе подготвувале предлог одлуки за Советот на Општината за паралелки со помал број ученици од законски предвидениот.
„За неисполнувањето на обврската за задолжително запишување во основно образование, несовесните родители ќе треба да платат казна од 60-80 евра. Сметаме дека конечната бројка на запишани ќе биде многу поголема по августовскиот уписен рок и дека нашиот апел за запишување ќе вроди со плод па во септември ќе имаме многу повеќе првачиња од сега пријавените“, вели раководителот на Секторот за образовaние во Општината Штип Билјана Казанџиска.
Според овие податоци во Штип во последните десетина година бројот на првачињата од над 1.000 ученици е сведен на само една третина од тоа. За неколку години регионот бележи помалку ученици за цела една генерација.
Т. ЈОВАНОВСКИ