ВО СТРУМИЦА КАЗНЕТИ ФИРМИ ЗАГАДУВАЧИ НА ВОЗДУХОТ, КОНТРОЛА СЛЕДИ И ВО ДОМАЌИНСТВАТА

    ВО СТРУМИЦА КАЗНЕТИ ФИРМИ ЗАГАДУВАЧИ НА ВОЗДУХОТ, КОНТРОЛА СЛЕДИ И ВО ДОМАЌИНСТВАТАВо моментов, мерните инструменти во станицата се калибирират и нема резултати за аерозагаденоста во Струмица, а Министерството за животна средина најави дека мерната станица ќе биде пуштена кон крајот на месецов (Фото: СДК.МК)

    Општинските инспектори од Струмица откриле фирми кои користеле недозволиви енергенси за огрев кои го загадувале воздухот. Како што соопшти секретарот на Општината Александар Оџаков, против неколку субјекти биле поведени управни-инспекциски постапки откако деновиве комуналните и инспекторите за заштита на животната средина ги зголемиле контролите по стопанските и индустриските капацитети. Сепак, Оџаков не прецизираше за какви казни станува збор и кои фирми и какви енергенси користеле за загревање на своите објекти кои го загадувале воздухот.

    „Овластените инспектори согласно своите надлежности од законите за заштита на животната средина, за управување со отпад и јавна чистота, спроведуваат повеќе инспекциски контроли при што кај неколку субјекти се констатирани неправилности при користење на недозволени енергенси за огрев, кои придонесуваат за зголемено аерозагадување и загрозување на животната средина. Согласно споменатите закони, против истите субјекти поведени се управно инспекциски постапки“, изјави Оџаков кој најави дека контролите ќе зачестат и престојната недела кога ќе бидат објавени повеќе информации, а од контролите нема да бидат исклучени и домаќинствата.

    За време на божиќните празници, во Струмица во ноќните часови постојано беа мерени над 700 микрограми ПМ10 честички на кубен мета,р што го запали црвеното светло кај струмичани и граѓанските организации кои побараа интервентни мерки но и интензивирање на инспекциските контроли. Министерството за животна средина тогаш информираше дека мерната станица поставена во струмичката болница била во тест период и дека резултатите објавени не се веродостојни и не треба да се земат во предвид.

    Во моментов, мерните инструменти во станицата се калибирират и нема резултати за аерозагаденоста во Струмица. Од Министерството за животна средина најавија дека мерната станица во Струмица ќе биде пуштена кон крајот на месецов.

    В ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари