ВО ТЕТОВО СЕ НОСАТ КУЧИЊА СКИТНИЦИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ, СЕ ПОЖАЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ

    ВО ТЕТОВО СЕ НОСАТ КУЧИЊА СКИТНИЦИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ, СЕ ПОЖАЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИПолесно е за другите градови да платат некому да ги стави кучињата во возило и да ги донесе во Тетово отколку да ги третираат во нивната Општина, вели Касами. (Фото: СДК.МК)

    Проблемот со кучињата скитници во Тетово никако да се реши. Иако Општината ангажира фирма која треба да ги заловува кучињата скитници, нивниот број наместо дa се намалува, од ден на ден постојано се зголемува. Поради тоа, градоначалникот на Тетово Билал Касами се сомнева дека кучињата скитници од други градови тајно, навечер, се носат во Тетово и тука се пуштаат.

    „Ние сме свесни дека проблемот не можеме да го решиме локално и без соработка со другите институции, па затоа бараме поддршка и од граѓаните, медиумите, централната власт и од полицијата за да ги лоцираме сите тие сомнителни возила кои во Тетово ги носат кучињата скитници од други градови. И еден милион евра да обезбедиме од нашиот буџет нема да го решиме проблемот, бидејќи можеме да увидиме дека од моментот кога почнавме да ги заловуваме овие кучиња, нивниот број наместо да се намалува се зголеми. Ова кажува дека е реално нашето сомневање дека од други градови се носат кучиња скитници и се пуштаат во Тетово. Полесно е за другите градови да платат некому да ги стави кучињата во возило и да ги донесе во Тетово отколку да ги третираат во нивната Општина“, изјави Касами.

    Градоначлникот вели дека добиле снимки од граѓани на кои се гледало како од комби возила се истовараат кучиња скитници во Тетово, но снимките биле со лош квалитет и не можело да се идентификуваат лицата, па затоа бара од полицијата да изврши детални истраги и да ги открие овие прекршители.

    „Ние имаме сомневања и имаме пријави од граѓаните, но за се докаже треба да се ангажира полицијата бидејќи таа може да контролира граѓани и возила и да идентификува. Ние имаме фотографии и видеа кои ни ги пуштаат граѓаните, но тие за нас не се доволен доказ да пријавиме во полиција зошто на нив тешко е да се идентификуваат лицата кои тоа го прават. Таа работа треба да ја направи полицијата“, вели Касами.

    Со поддршка на Швајцарската амбасада во Македонија, која е донатор на проекти за згрижување на кучиња скитници, се работи на обезбедување простор на кој би се изградил стационар за потребите на целиот Полошки Регион. Првин тој требаше да се изгради во Општина Брвеница, но немаше соодветен простор и затоа сега ќе се гради во Општина Врапчиште.

    Според Касами, во наредниот период земјиштето каде ќе се гради тој стационар треба да се пренамени од земјоделско во градежно. Тој се надева дека за идната година ќе се обезбедат овие процедури и ќе се добијат бараните средства за да се започне со градбата на овој регионален стационар.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира