ВО ВАРДАР СЕ ПОСТАВУВААТ ТЕМЕЛИТЕ ЗА МОСТОТ ОД АЕРОДРОМ КОН КЕРАМИДНИЦА

    ВО ВАРДАР СЕ ПОСТАВУВААТ ТЕМЕЛИТЕ ЗА МОСТОТ ОД АЕРОДРОМ КОН КЕРАМИДНИЦАСо градежна механизација се копаат ископи со поставување на темели за мостот кој ќе биде долг 150 метри и ќе има 6 коловозни ленти, по три во двата правци.(Фото: Град Скопје)

    Во коритото на реката Вардар во населбата Аеродром деновиве се работи на поставување на темелите за мостот кон Керамидница. Со градежна механизација се копаат ископи со поставување на темели за мостот кој ќе биде долг 150 метри и ќе има 6 коловозни ленти, по три во двата правци.

    „Првата фаза односно проширување на булеварот АСНОМ на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата со улицата Васко Карангелевски е завршена. Градежните работи на мостот се одвиваат според предвидената динамика и тој ќе биде готов за година и половина. Паралелно со изградбата на мостот ќе се работи и на пробивање на булеварот во населбата Керамидница“, велат од Град Скопје.

    Изградбата на мостот со кој треба да се поврзат општините Аеродром и Гази Баба чини 6 милиони евра. Вкупно проектот ќе чини 16 милиони евра бидејќи околу 8 милиони евра се потребни за експропријација на куќите кои се наоѓаат на трасата во населбата Керамидница.

    По изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини можат да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај доколку ја изберат оваа рута.

    Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира