За месец и половина аплицирани се 2.314 вакцини „Синовак“ на теренската вакцинација во Велешко. Имунизацијата започна на 12 јули, а траеше сѐ до крајот на август. Екипите на Здравствен дом Велес посетија педесетина населени места од три општини: Велес, Градско и Чашка. Во Чашка каде беа посетени најмногу 24 села аплицирани биле 975 вакцини, во Градско со осум населени места – 573 и во Велешко 766 за 16 села.
„Некои од лицата кои не примија втора доза вакцина на терен, дојдоа во пунктот во Здравствен дом и беа вакцинирани. Деновиве има голем прилив на граѓани од населени места каде при теренската вакцинација немаше интерес, сега самоиницијативно доаѓаат во пунктот и се вакцинираат“, кажа д-р Марина Тодоровска, координаторка на вакциналниот пункт.
На некои места имаше висок одзив, како што е Градско, каде се потрошија сите 160 вакцини, додека пак во Горно и Долно Јаболчиште со пет илјади жители, само пет лица беа заинтересирани да бидат вакцинирани.
Во соседната Општина Лозово, вакцинацијата ја спроведе екипа на Здравствен дом Свети Николе, а таму најголем интерес имаше во населбата Лозово, каде екипа беше во пет наврати да ги вакцинира жителите и биле аплицирани околу 200 вакцини.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 733.226 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 4.179 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.022 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 1.280.332 дози вакцини, а ревакцинирани се 547.105 граѓани.
Со последните бројки, 53% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 28% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
П. ПЕЧКОВ