ВО ВТОРНИК СЕ ОТВОРА СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА, ЗАДОЛЖИТЕЛНО Е НОСЕЊЕ МАСКА

    ВО ВТОРНИК СЕ ОТВОРА СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА, ЗАДОЛЖИТЕЛНО Е НОСЕЊЕ МАСКАРаботното време на градината е од 9 до 18 часот, а бројот на посетители ќе биде ограничен, за да не се создава поголема гужва низ градината. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Скопската зоолошка градина во вторник повторно ќе биде отворена за посетители. Зоолошката градина поради пандемијата на КОВИД-19 и мерките на Владата за спречување понатамошно ширење на вирусот беше затворена кон средината на март. Од Зоолошката велат дека посетителите ќе мора да се придржуваат кон новите протоколи за работа и движење низ градината.

    „Задолжително е носење маска иако станува збор за отворен простор и при шетање низ градината посетителите треба да одржуваат дистанца. Строго е забрането хранење и доближување до животните, не смее да се употребуваат летниковците и детските игралишта“, велат од Зоолошката градина.

    Од таму велат дека работното време е од 9 до 18 часот, а бројот на посетители ќе биде ограничен, за да не се создава поголема гужва низ градината.

    Веднаш штом градината почне со работа ќе биде отворено новото живеалиште на фламингата, кои минатиот месец стигнаа во Скопје и се во карантин за да се привикнат на новата средина. Во градината во моментов се гради живеалиштето за пингвините, кои штом се отворат границите ќе стигнат од Лондон. Градината ќе добие и алпаки, а летово треба да биде отворен и Дино паркот.

    Зоолошката градина во Скопје не работи два месеца. Како што ни кажаа зоо негувателите, на животните им фалат децата и чудна им е тишината и празната градина.

    „Слоновите се научени на многу луѓе и периодов им е чудно. На се трудиме ним да им посветиме најголемо внимание, а колегите кои работат како нивни чувари често остануваат и по работното време за да се дружат со Дуња и Даела. Морските лавови Кан и Гете исто така се чудат каде се луѓето што редовно им се восхитуваат при нивните тренинзи, но за среќа, тука се патките кои сега се редовна публика кога Гете и Кан се хранат. Дел од животните, како мајмуните и жирафите, се збунети од целата тишина“, велат зоо негувателите во градината.

    А. АНТЕВСКА                                                                                                                                                                                                                          

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира