ВОДАТА ВО ЕЗЕРОТО „МЛАДОСТ“ Е ИСПРАВНА, ИТНО ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ КАНАЛИЗАЦИЈА И САНИТАРНИ ЈАЗЛИ

    ВОДАТА ВО ЕЗЕРОТО „МЛАДОСТ“ Е ИСПРАВНА, ИТНО ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ КАНАЛИЗАЦИЈА И САНИТАРНИ ЈАЗЛИСтручните лица од Центарот за јавно здравје посочуваат дека е потребно санирање на крајбрежниот појас на езерото, санитарно-хигиенско уредување на околината, поставување канализациона мрежа, јавни чешми, јавни тоалети и правилно отстранување на цврстиот отпад (Фото: СДК.МК)

    Водата на вештачка акумулација „Младост“, која велешани и гостите од Скопје и Свети Николе ја користат за капење и рекреација, е исправна, покажале резултатите од испитувањата кои ги извршиле стручните лица од ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес. Квалитетот на водата од езерото Младост е анализирана од пет места, локации кои се најчесто користени, Градска  плажа 1 и 2, плажата близу хотел „Панини“, плажата хотел „Романтик“ и плажата „Мотел на Велешко“.

    „Од прикажаните резултати добиени од извршените анализи може да се заклучи дека водите на акумулацијата по најголем број на испитани параметри ја задоволуваат бараната 1-2 класа, освен по однос на матност, сатурација и сув остаток на филтрирана вода, кои немаат штетно влијание врз здравјето на луѓето. Затоа водата од Езерото може да се користи за рекреација на луѓето и наводнување“, стои во писмениот извештај на Центарот за јавно здравје Велес, кој се разгледуваше на седница на Советот на Општина Велес.

    Граѓаните на Велес и околината во летниот период го користат езерото Младост за рекреација, но плажите не се санитарно-хигиенски уредени, немаат вода за пиење, ниту канализација и санитарни јазли.

    „Сè поголемиот притисок врз просторот на акумулацијата ‘Младост‘ ја наметнува потребата од организирано управување на Езерото, од преземање неопходни, итни мерки во кои ќе бидат вградени еколошки, санитарно- хигиенски норми и законитости“, пишува во годишниот извештај на Центарот за јавно здравје.

    Стручните лица од Центарот посочуваат дека е потребно санирање на крајбрежниот појас на Езерото, санитарно-хигиенско уредување на околината, поставување канализациона мрежа, јавни чешми, јавни тоалети и правилно отстранување на цврстиот отпад.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари