Со години нема промена во квалитетот на водата за пиење од природните и селски чешми и селските водоводи во Велешко каде населението најчесто пие неисправна вода, според редовниот годишен извештај на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес. Над 40.000 жители на Велес немаат никаков проблем со водата за пиење од градскиот водовод во надлежност на ЈКП „Дервен“.
Центарот за јавно здравје Велес, согласно законската регулатива, врши редовна санитарно-хигиенска контрола на водоснабдителни објекти и квалитетот на вода за пиење од локални водоводи, чешми и бунари, како и бактериолошко-физичко-хемиска анализа и контрола на водата за пиење. Две години не врши анализа на водата од градскиот водовод, оти на јавен повик добила приватна лабараторија од Скопје која има акредитација, а Центарот за јавно здравје Велес ја нема. Анализите на водата за пиење од природните чешми покажуваат дека десетина илјади жителите од велешките села најчесто имаат неисправна вода за пиење, поради што има ризик од појавува на епидемии од цревни заболувања.
„Селските водоводи во голем процент се бактериолошки загадени, оти водата не се хлорира, не се стопанисува стручно со нив. Кај овие неисправни примероци на води е докажано со физичко-хемиската анализа присуство на нитрати и матност, додека бактериолошките испитувања покажуваат неисправност, има ешерихија коли и колиформни бактерии кои покажуваат дека има фекално загадување. Овие бактерии се предизвикувачи на цревни заразни болести. Тоа се патогени бактерии кои кај некои лица даваат знаци на цревни заболувања, кај други не. За отстранување на овој проблем, треба со водоводите да стопанисува стручно овластена организација, која редовно ќе врши дезинфекција за водата да биде исправна. Потребно е да се направи асанација на водоводните објекти за водата да биде безбедна, а со тоа и населението од руралните средини“, вели д-р Снежана Петрова, специјалистка по хигиена од ЦЈЗ.
Центарот е долежн секој неисправен резултат во рок од 48 часа да го пријави до Агенција за храна, Државниот санитарен здравствен инспекторат, Центарот за управување со кризи и Министерство за здравство. Петрова вели дека нивните резултати лани покажале оти водата во отворените базени во хотелите „Романтик“, „Глориус“ и „Гарденија“ е негативни на бактерии, а во водата на Градскиот базен во две мостри имало бактериолошка неисправност.
„Имаше случај на бактериолошка неисправност на водата од Градскиот базен. Хлорирањето не беше воспоствено како што треба, со наша стручна помош и постојан надзор, водата го доби потребниот квалитет. Проблем е несоодветно, неконтинуирано хлорирање. Потоа поголем број капачи значи поголемо загадување, повисоката температура го троши резидуалниот хлор. Затоа треба стручни лица да ракуваат со базените. Треба да се врши во текот на денот неколкукратна контрола на хлорирањето, ако е превисоко да го намалат, ако е ниско да ги покачат количините. Меѓутоа, не секогаш стручни лица ракуваат со хлорирањето. Наше е да укажеме, а надлежна е Агенцијата за храна и ветеринарство. Резултатите ги праќаме и до локалната власт. А како се постапува и што ќе преземе, тоа е задача на Агенцијата за храна“, вели д-р Петрова.
Во селата каде што водоснабдувањето е со водоводи, има разлика од водоводите каде водата не е хлорирана и водоводите со кои стопанисува ЈКП „Дервен“, кои се под контрола. Голема е разликата од бактериолошка неисправност. Кај првите каде водата е нехлорирана таа е 62 отсто неисправна, а кај вторите кои се управувани од „Дервен“ 29 отсто е неисправна.
Природните чешми се несигурни, со непостојан квалитет, со висок процент на бактериолошка и физичко-хемиска неисправност. Граѓаните ги користат во летниот период, и покрај тоа што на овие чешми се поставени табли дека водата не е безбедна за пиење. Одговорноста е на граѓаните, оти и покрај предупредувањето тие ја користат. Таков е случајот со чешмата во Башино Село, која има променлив квалитет, а ја пијат голем број велешани, кои специјално за тоа доаѓаат да полнат од чешмата сретсело.
„Чешмата во Башино Село последните години беше повеќе неисправна отколку исправна. Не знам што се случува таму. Лани биле 7 контроли, а три пати била неисправна. Квалитетот е непостојан, затоа и се постави табла дека водатга не е за пиење. Ама до вечерта некој ја искрши. Сепак е до свеста, можеме да укажеме, да предупредиме, но не можеме со сила да ги сопреме да ја пијат таа вода“, рече д-р Петрова.
Препорака е дека стопнисувањето на селските водоводи треба да се даде на овластена стручна организација.
П. ПЕЧКОВ