ВОДАТА ВО ВЕЛЕС ПОСКАПЕ ЗА 4 ОТСТО

    ВОДАТА ВО ВЕЛЕС ПОСКАПЕ ЗА 4 ОТСТОЗа зголемување на водата гласале 10 советници од СДСМ „за“ седум од ВМРО-ДПМНЕ биле „против“ двајца се иземале поради конфликт на интереси а Ненад Коциќ кажа дека нема да гласа ниту за, ниту против.(Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Велес донесе одлука за покачување на цената на водата. Наместо досегашните 30,40, домаќинствата ќе плаќаат 31,62 денари. Толку ќе плаќаат и училиштата и градинките. Правните лица наместо 60,25 ќе плаќаат 63,05 што е за 4,6 отсто зголемување.

    Откако пред еден месец истата точка беше симната од дневен ред од страна на владејачката СДСМ, градоначалникот Аце Коцевски побара поради итност да биде ставена на седницата. Според Коцевски, Владата веќе донела одлука за покачување на цената на суровата вода, која ЈВП „Лисиче“ ја испорачува на ЈКП Дервен за 17 отсто или од 3,2 денари на 3,8 денари за метар кубен.

    „Подобро е да ја изгласаме цената која комуналното претпријатие „Дервен „ја бара, отколку Регулаторната комисија за енергетика да донесе цена која ќе биде далеку повисока. Утврдената тарифа од страна на ЈКП „Дервен“ ги покрива оперативните трошоци за работа, амортизацијата на сопствените основни средства кои се неопходни за непречено давање на услугата и за функционирање на Јавното претпријатие“, изјави градоначалникот на Велес Коцевски.

    Според информациите со кои располагал ЈКП „Дервен“, ако велешките советници не ја изгласаа понудената цена, Регулаторна комисија за енергетика цената на водата ќе ја зголемила за 1,91 денари за 2018-та, 3,23 за 2019-та и 3,43 денари за 2020-та година за домаќинствата во Велес.

    За зголемување на водата гласале 10 советници од СДСМ „за“ седум од ВМРО-ДПМНЕ биле „против“ двајца се изземале поради конфликт на интереси а Ненад Коциќ кажа дека нема да гласа ниту за, ниту против.

    Ангел Димов советник од ВМРО-ДПМНЕ побара „Дервен“ да најде начин цената да не ја покачува.

    „Во претпријатието треба да се најдат внатрешни резерви, начин, цената на водата да не се качува, бидејќи тоа е нов дополнителен трошок за граѓаните“, рече Димов. На ова реплицираше советничката од владејачката СДСМ Весна Стојанова Богоевска.

    „Од каде пари да не се покачи цената, кога претходно четири години општината не платила ниту една фактура кон јавното претпријатие“, рече Стојанова Богоевска. Според пресметките на советникот Менхур Бачевац семејниот буџет на граѓаните на Велес немало сериозно да се оптовари.

    „Со просечна потрошувачка од 15 тони колку што троши едно семејство, тоа ќе плаќа повисока цена од 20 денари месечно на сметката“, – кажа Бачевац. Ова е трето покачување на цената на суровата вода која ЈВП Лисиче му ја испорачува на ЈКП Дервен.

    Почетната во 2010-та беше 2,25 денари, во 2013-та скокна на 2,8 денари а во 2015-та беше 3,2 денари а од 28 август годинава таа е 3,8 денари за метар кубен.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира