Денеска на Водно беше пуштена во употреба првата велосипедска патека во рамките на велосипедскиот парк. Патеката беше отворена со вело натпревар во организација на „Прв до врв“, на кој учествуваа повеќе од 400 велосипедисти, а велосипед по новата патека возеше и градоначалникот Петре Шилегов.
„Патеката симболично ја нарековме ‘Пионерска патека‘ затоа што е прва од овој тип во Скопје, а и воедно прва од вкупно 3 вакви патеки кои ги правиме во рамките на проектот ‘Велосипедски парк Водно‘. Направена е согласно сите стандарди, со помош на експерти од Словенија, а наменета е исклучиво за велосипеди и исклучиво за движење во еден правец – нагоре. При изведбата на оваа патека посветено е големо внимание на заштита на природното опкружување, со минимално влијание врз околните дрвја и вегетација. Среќен сум што на крајот на третата година од мојот прв градоначалнички мандат Водно успеавме да го вратиме на луѓето кои го користат за уживање во природата, планинарење, спорт и рекреација. Сега со проектот ‘Велосипедски парк‘ го развиваме планинскиот велосипедизам кој бележи растечка популарност во нашата држава“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Новата нагорна планинска велосипедска патека е со променлива широчина, најмногу до 3 метри, со вкупна должина од 3.432 метри и се протега од полициската станица до Средно Водно. Пионерската патека е сертифицирана и ги исполнува условите за организација на меѓународни натпревари на северните падини на Водно.
А. АНТЕВСКА