ВОДНО ОСТАНА БЕЗ ПАРНО ОТИ ДРЖАВАТА ГО ПРОДАЛА ЗЕМЈИШТЕТО ПОД ТОПЛАНАТА

    ВОДНО ОСТАНА БЕЗ ПАРНО ОТИ ДРЖАВАТА ГО ПРОДАЛА ЗЕМЈИШТЕТО ПОД ТОПЛАНАТАЕкипите на ЕСМ не можат да влезат и да направат подготовки за новата грејна сезона бидејќи сопственикот на топланата не им го дозволува тоа. (Фото: БИРН)

    На старата топлана во населбата Водно во Скопје поставени се знаци за забранет пристап до објектот, поставени на оградата, испишани на англиски јазик (private property, keep out). Има и табличка од агенција за обезбедување. Токму поради забранетиот пристап до објектот, голем дел од населбата нема парно греење, објави Призма. Радијаторите останаа студени во многу домови и во други објекти, меѓу кои и во основното училиште „Кочо Рацин“. Екипите на ЕСМ не можат да влезат и да направат подготовки за новата грејна сезона бидејќи сопственикот на топланата не им го дозволува тоа.

    Таа е на фирма на семејството Кастиљо, кое во 2022 година ја стекнало сопственоста врз овој објект и сите топловодни уреди во него, пумпи, агрегати и друго, кои се дел од топлификациската мрежа на лицитација по стечајната постапка на АД „Топлификација“. Парцелата ја купила фирмата „Актрус Вентурес ДООЕЛ“, формирана во 2020 година за производство на моторни возила. Нејзин основач е Алан Кастиљо, син на бизнисменот Ангел Кастиљо. На оградата пред топланата беше закачен телефонскиот број на Ангел Кастиљо, кој одговори на повикот од БИРН.

    Во телефонскиот разговор, тој рече дека решил да не ги пушта екипите на ЕСМ таму затоа што „тоа е мое, приватен имот“. Тој додаде дека навреме ги информирал ЕСМ „да дојде и да си ги среди работите“, односно да плати наем за користење на сега веќе неговиот приватен објект, слично како што телефонските оператори А1 и Телеком му плаќале за поставените станици.

    „Нека дојдат, нека си платат и ќе ги пуштиме“, вели Кастиљо во разговорот, јавувајќи се, како што рече, од Јужна Америка.

    Според податоците на Централен регистар, Кастиљо бил единствениот понудувач и го купил имотот за двојно пониска цена од првично предвидената – наместо за 20, за 10 милиони денари (над 162.000 евра). Од април годинава, неговото сопствеништво е заведено и во Катастарот на недвижности. Невена Димковска, кај која Ангел Кастиљо препрати како негова помошничка за да обезбеди повеќе детали, рече дека од ЕСМ бараат и писмена потврда за да им дозволат да влезат.

    „И господинот Кастиљо живее на Водно и неговото дете оди во ‘Кочо Рацин’, каде што нема парно. Знаеме дека е проблем, но вината е кај ЕСМ“, вели Димковска.

    Од таму, пак, на прашањата што произлегоа од ваквите обвинувања без конкретен одговор.

    „ЕСМ Дистрибуција на топлина, посветено и интензивно работи на решение на прекинот на испораката кај дел од потрошувачите во населбата Водно. Вложуваме максимални напори да се овозможи испорака на топлинска енергија на овие потрошувачи во најбрз можен рок“.

    Од Општина Центар за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека во моментов парно има на локацијата, „потврдено е дека парно греење има и во училиштето ‘Кочо Рацин’. Контактирани се одговорните во болницата Козле, откаде ни е потврдено дека и тие имаат парно греење“.

    „Доколку под локацијата ‘Топлана Водно’ се мисли на КП 1076/1, КО Центар 2, ова се одговорите: Видно од веб страната на Агенција за катастар на РСМ https://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/, горенаведената КП е во сопственост на Друштво за производство, трговија и услуги Актрус вентурес ДООЕЛ увоз-извоз Скопје. Општина Центар – Скопје располага со земјиштето на РСМ на територијата на општината од декември, 2018 година. Од тогаш до денес, земјиштето на КП 1076/1, КО Центар 2 не е ниту дооформувано, ниту продавано по пат на јавно наддавање. За периодот пред декември, 2018 година можете да се обратите во Министерството за транспорт и врски (период до кој постапките за земјиште биле под надлежност на Министерството). Општина Центар – Скопје во моментов не располага со планска документација за горенаведената КП (нема важечки детален урбанистички план)“, велат од Општина Центар.

    Но, додека ЕСМ се обидува да го реши актуелниот проблем, Кастиљо прави планови за уривање на објектот. Тој вели дека чекал да помине зимава за да не ги оштетел соседите со греење, па потоа планирал да ја урне топланата и да гради нешто. Како што рече неговата помошничка, моментално не им одговарало што е предвидено да се гради во Деталниот урбанистички план (ДУП), бидејќи бил вцртан мал објект, па ќе докупеле државни и приватни парцели околу за да можат да направат поголема градба.

    Објектот се наоѓа во градската четврт Ј07, која опфаќа голем дел од Општина Центар во населбите Капиштец и Водно, и за која Уставниот суд во јануари годинава го укина стариот детален урбанистички план. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски вели дека е почната постапка за да се направи нов ДУП, но тоа ќе потрае.

    „Станува збор за најголемиот ДУП во земјава, со најголем број градежни парцели. Постапката ќе биде долга затоа што вклучува голем број институции“, рече Герасимовски.

    Името на Ангел Кастиљо, Латиноамериканецот со македонско потекло, пак, може да се најде и на Гугл и на страниците на УЈП и на судовите. Во последната листа на должници што Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави во август годинава се наоѓаат две фирми зад кои стои тој. „Индбус ДООЕЛ“ и „Индбус интернешнел“ од Бугарија, кои вкупно должат кон државата околу милион и 150.000 евра.

    Десетина фирми, пак, во минатото се поврзуваа со неговото име. „Бускар“, „Силес корп“, „ИЛГ интернационал“, „Ел дон Кастиљо Ангел“, „Индустрија Ел Азтека“, „Мотор коач“ и други. Повеќето од нив се занимаваа со производство на автобуси.

    Но, сепак, најпознат беше случајот со фирмата „Неокар“ за која имаше и судска постапка во 1990-тите за земени кредити од банка со вложена непостоечка гаранција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира