ВОЛОНТЕРИ ОД СТРУМИЧКАТА БИБЛИОТЕКА БЕСПЛАТНО НОСАТ КНИГИ ДО СТАРИ И ЛИЦА СО ИНВАЛИДИТЕТ

    ВОЛОНТЕРИ ОД СТРУМИЧКАТА БИБЛИОТЕКА БЕСПЛАТНО НОСАТ КНИГИ ДО СТАРИ И ЛИЦА СО ИНВАЛИДИТЕТВо новата услуга „Библиотека на тркала“ волонтери со електрични велосипеди разнесуваат книги до повозрасни, болни и изнемоштени и лица со инвалидитет. (Фото: СДК.МК)

    Струмичката библиотека „Благој Јанков-Мучето“ бесплатно почна да носи книги до сите читатели кои не можат да ја посетат и да подигнат книга за читање. Ова е нова услуга наречена „Библиотека на тркала“ во која се вклучени и волонтери. Тие со електрични велосипеди разнесуваат книги до повозрасни лица, болни и изнемоштени и лица со инвалидитет, кои се членови на библиотеката но не се во можност да ја посетат и земат книга.

    „Идејата беше дека книгата треба да стаса до секој читател и дека пречките не треба да бидат проблем. Откако добивме донација електрични велосипеди од семејството Атанасови, со нашите волонтери ја воведовме оваа услуга. Сакаме да се приклучиме на агендата на ОН, 2030 да биде година на зелени библиотеки“, вели Гонце Запрова-Анастасова, виша библиотекарка од струмичката библиотека.

    Десетици граѓани од Струмица и регионот досега станаа корисници на оваа бесплатна услуга. Тие претходно се јавуваат и нарачуваат книги за читање при што добиваат информација кога ќе им биде доставена книгата. Волонтерите потоа со велосипедот  „велко“ ги доставуваат книгите.

    „Оваа услуга не е само за читателите од Струмица туку и од населените места во Струмичкиот Регион, независно дали ќе биде од Василево, Босилово, Иловица или Штука. Наша намера е да ја доближиме книгата и до руралните средини, на што ќе ставиме акцент во наредниот период“, вели Запрова-Анастасова.

    Струмичката библиотека за Месецот на книгата планира по струмичките населени места повторно да организира карвани за читање преку кои ќе се презентира библиотекарството и значењето на читањето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира