ВОЗ УДРИ ВО ВОЗИЛО НА АВТОШКОЛА НА НЕОБЕЗБЕДЕН ЖЕЛЕЗНИЧКИ ПРЕМИН ВО БИТОЛА

    ВОЗ УДРИ ВО ВОЗИЛО НА АВТОШКОЛА НА НЕОБЕЗБЕДЕН ЖЕЛЕЗНИЧКИ ПРЕМИН ВО БИТОЛАОвој железнички премин освен сообраќајни знаци нема рампи и светлосна сигнализација. Во негова близина се наоѓа и новиот полигон за обука на возачи, што ја наметнува потребата од обезбедување на преминот на овој локален пат кој сега е пофреквентен (Фото: СДК.МК)

    На необезбеден железнички премин на локален пат на излезот од Битола, вчера попладне се случил судар на воз со автомобил, соопштија од битолската полиција. Според полицискиот извештај, околу 17, 30 часот возот што патувал од Скопје за Битола, управуван од машиновозачот В.Т.(55) удрил во возилото ,,фолксваген поло”. Возилото било во сопственост на автошкола од Битола. Од сударот нанесена е само материјална штета на возилото, а возачот кој се обучувал да вози и совозачот инструктор за среќа не се повредени.

    Овој железнички премин освен сообраќајни знаци нема рампи и светлосна сигнализација. Во негова близина се наоѓа и новиот полигон за обука на возачи, што ја наметнува потребата од обезбедување на преминот на овој локален пат кој сега е пофреквентен.

    „Преминот не е безбеден. Неколку луѓе имаат загинато тука. Пред некоку години загина еден таксист, а имаше судар порано на воз со трактор и камион зашто околу има ниви, па и куќи во периферијата. Возот кога минува свири, но рампи нема“, вели Стојан Трајковски кој живее во близина.

    Од Општина Битола со цел во иднина да бидат избегнати вакви несакани ситуации, апелираа до корисниците на полигонот да го користат пристапниот пат кој се поврзува со локален пат преку селата Долно Оризари-Карамани. Општината ја објави и мапата за патеката до пологонот која е побезбедна, за разлика од патот од другата страна од каде приодот е преку магистралниот пат М5 и железничката пруга.

    Во Битола во изминатиот период се случуваше да не работат рампите ни на обезбедените железнички премини. Така во март годинава на преминот кај Дулуе возот минуваше кога заштитните рампи беа подигнати. Се случуваше да застане возот, да излезе машиновозачот да види дали се запрени возилата, па да го продолжи патот. Истиот месец возот симнуваше патници на преминит кај Боримечка како да е на автобуска станица.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира