Учениците од Гостивар и Тетово до училиштата се превезуваат во претоварени комбиња што ги возат возачи без возачка дозвола, откри тетовската полиција при засилените контроли на возилата што вршат јавен превоз. Резултатите од само една контрола направена вчера во текот на 3 часа се застрашувачки.
„Вчера, во периодот од 6 до 9 часот, во Гостивар е спроведена акциска контрола, со која биле опфатени 35 комбиња кои вршат јавен превоз. При контролата, откриени се девет возила со претовар на патници, осуммина возачи биле без лекарско уверение, тројца возачи немале положен возачки испит, еден возач бил со несоодветна категорија, две возила биле нерегистрирани, а еден возач не ја прилагодил брзината според условите на патот. Констатираните прекршоци биле санкционирани со законски предвидените поднесоци“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Акциска контрола за безбедност во сообраќајот вчера била извршена и во Тетовскиот Регион. Овде биле регистрирани 42 прекршоци, меѓу кои имало седум лица кои ги управувале возилата без возачка дозвола, шест возила имале истечена регистрација, пет биле технички неисправни, седум возачи-почетници не се придржувале на законските ограничувања, а останатите прекршоци биле за неправилно паркирање.
За овие прекршоци изготвени се 23 прекршочни и 19 мандатни платни налози.
З. АНДОНОВ