ВОЗДУХОТ ВО ШТИП ПРВПАТ ГОДИНАВА ЗАГАДЕН ПОВЕЌЕ ОД ДОЗВОЛЕНОТО

    ВОЗДУХОТ ВО ШТИП ПРВПАТ ГОДИНАВА ЗАГАДЕН ПОВЕЌЕ ОД ДОЗВОЛЕНОТОИако познат како град во кој ветер дува преку цела година, аерозагадувањето деновиве беше трипати поголемо од нормалното (Фото: СДК.МК)

    Воздухот во Штип за првпат оваа година беше загаден повеќе од дозволеното. Мерните станици поставени на зградата на општината и на Универзитетот „Гоце Делчев“ покажале трипати поголемо загадување од дозволените 50 ПМ честички. Експертите сметаат дека ова се должи на стабилизирањето на времето, кога нема посебни струења на воздухот, па ПМ 10 честичките достигнале ниво од 160 мг на кубен метар.

    „Тоа се кратки вакуум состојби, што траат по десетина минути, кога во градот познат по ветровите нема речиси никакво струење на воздухот. Зголеменото загадување е присутно во попладневните и во вечерните часови, кога домовите масовно се греат на дрва, кое е главно грејно тело во Штип“, вели професорот и проректор Дејан Мираковски, кој е и раковидител на лабораторијата за испитување на загадувањето на УГД „Гоце Делчев“.

    Тој вели дека апаратите што ги изработува нивната лабораторија го испитуваат нивото на загадување и во неколку други градови, меѓу кои и Скопје и Прилеп. Почесто аерозагадување има во Кочани, а во последните неколку месеци, енормно се зголемува загадувањето во Струмица и Кавадарци.

    Лекарите сметаат дека поради зголеменото аерозагадување и променливото време во текот на овој месец е зголемен бројот на пациентите со проблеми на дишните патишта. Ординациите во просек бележат за 100 насто поголем број на пациенти со симптоми на грип, запаление на бели дробови, силни настинки и други проблеми на респираторните органи.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари