ВОЗИЛАТА НИ ОКУПИРААТ ПРОСТОР ПОГОЛЕМ ОД ТРИТЕ ЕЗЕРА ЗАЕДНО, ПРЕСМЕТА „БИТОЛА НА ТОЧАК“

    ВОЗИЛАТА НИ ОКУПИРААТ ПРОСТОР ПОГОЛЕМ ОД ТРИТЕ ЕЗЕРА ЗАЕДНО, ПРЕСМЕТА „БИТОЛА НА ТОЧАК“Граѓанската иницијатива „Битола на точак“ синоќа организираше тура со велосипеди низ битолските улици (Фото: СДК.МК)

    Возилата во земјава окупираат простор поголем од зафатнината на трите езера заедно Охридското, Преспанското и Дојранското, по број на возила на прво место се општините Центар во Скопје и Битола, низ битолските улици се возат 25.000 моторни возила, односно ги има колку третина од вкупниот  број жители, се податоците што ги објави Виктор Илиев од граѓанската иницијатива „Битола на точак“, која синоќа организираше тура со велосипеди низ битолските улици. На турата се приклучија голем број битолчани, од старо до младо, а родителите малите деца ги носеа закачени со колички за велосипедите. На овој начин упатија порака против се поголемата узурпација на јавниот простор во градот.

    „Јавниот простор е наменет за граѓаните, а сѐ повеќе  се дизајнира по мерка на колите. Улиците се шират, а тротоарите се скратуваат. Паркинзи се креираат на самите улици од десна страна, се затвора дел од улицата за тоа. Користењето на десната страна од улицата како паркинг зона е доста опасно за велосипедистите поради отворање врати. Порано нелегално колите се паркирале на улиците, а денес тие се официјално исцртани како паркинзи“, рече Илиев.

    Бројот на жители во Битола со иселувањето се намалува, но и натаму расте бројот на возила. Според последниот попис имаше 86.000 жители. Се претпоставува дека сега има помалку од 70.000, а во градот има 21.000 коли, заедно со останати моторни возила до 25.000. Тоа доаѓа по три возила на жител или најмалку по две возила на семејство.

    „За Битола, град кој е со пречник од три и пол, максимално 4 километри пречник, а не одиме секогаш од еден крај до друг, нема толкава потреба за возење автомобили. Свесни сме за загадувањето , колите создаваат многу јаглероден моноксид, ПМ 10 честички- додаде Илиев.

    „Битола на точак“ побара да се ослободи плоштадот „Гоце Делчев“ од паркираните возила и да се пренамени со содржини за разонода на граѓаните, а Општината низ градот  да направи повеќе велосипедски патеки.

    „Имаше два обида за правење велосипедска патека, кои не се направени ни со консултација, ни проектот е промовиран сериозно. Една се направи на средината на шеталиштето, наиде на многу критики од јавноста и никој не излезе да го брани проектот. Новото што се правеше кај паркот е претесно, а се стартува нешто во Нова Битола, но треба систематски да се направи, цел град да се поврзе, да има мапа“, велат велисипедистите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира