Пругите кон Кочани и Кичево ќе причекаат додека повторно по нив возат возови, а ќе чекаат и патниците кои ги користеа услугите на Македонски железници да патуваат за овие правци. Пругите кон Кичево и Кочани се без воз од мај 2021. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски во Велес кажа дека причината за прекинот не е малиот број патнички возови и локомотиви, туку малиот број патници.
„Пругата кон Кочани и Кичево нема железнички сообраќај бидејќи не е електрифицирана, а дизел локомотивите се скапа работа за одржување. Тоа е една од работите кои ги работиме со Македонски железници, целосна електрификација на овие пруги. Во моментов нема економска исплатиливост, каква таква има само за Коридор 10, кој е целосно електрифициран“, рече Николоски.
Железничарите подолго време објаснуваат дека сите расположливи патнички возови на електричен погон се користат за сообраќај на линијата Скопје-Гевгелија и Скопје-Велес и обратно, дури поради тоа што еден од кинеските електрични возови се расипа, укината е една од трите линии кои сообраќаа кон Гевгелија. Кон Битола сообраќаат моторно-патнички возови од кинеско производство или локомотива со патнички вагони, дневно три на број. Пругата кон Куманово и Бељаковце е исто така електрифицрана како гевгелиската и има голем број патници, работници и студенти кои патуваат кон Скопја и назад, но и таа не функционира, од почетокот на 2022.
П. ПЕЧКОВ