ВРАБОТЕНИТЕ ВО „ЕУРОКОМПОЗИТ“ ГО АКТИВИРАА ШТРАЈКОТ, БАРААТ ПЛАТИ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО „ЕУРОКОМПОЗИТ“ ГО АКТИВИРАА ШТРАЈКОТ, БАРААТ ПЛАТИРаботниците велат дека не е испочитувана спогодбата потпишана во Владата на 28 јуни, наместо ветените три плати до средината на август и придонес за здравствено осигурување, ним досега им е исплатена само една плата, и тоа за декември лани (Фото: СДК.МК)

    Околу 280 вработени во прилепскиот загубар „Еурокомпозит“ повторно преку протест се обидуваат да дојдат до плата. Тврдат дека не е испочитувана спогодбата потпишана во Владата на 28 јуни. Наместо ветените три плати до средината на август и придонес за здравствено осигурување, ним досега им е исплатена само една плата, и тоа за декември лани.

    „На средбата во Влада со директорот на ‘Еурокомпозит’ Марјан Додовски и со вицепремиерот Кочо Анѓушев ни беше ветено дека платите ќе ни бидат исплатени, паралелно и придонеси за здравствено осигурување. По средбата една плата, следна од 20 до 25 јули,  и уште една до 15 август. Ние продолживме со работа и ветувањата се заборавија. Директорот Додовски е многу револтиран зашто бараме плата. А, од Владата немаме одговор на ниту еден допис“, вели Влатко Чурлиноски, претседател на Синдикатот на „Еурокомпозит“.

    „Владата на Р. Македонија ги повикува сите договорни страни што ја потпишаа Спогодбата да се придржуваат до превземените обврски и активности со цел да нема застој во работата и исплата на платата. Заменикот на претседателот на Владата на Р. Македонија д-р Кочо Анѓушев во понеделник ќе одржи работен состанок со засегнатите страни“, соопштуваат од Владата.

    Директорот Додовски пак тврди дека проблем не се парите, туку фактот што вработените не си ја вршат својата работа.

    „Вработените се жртви на една банда од триесетмина кои што не сакаат да работат. Не може така. Ниту една норма не им е исполнета, нека седнат да работат. Нека ги исполнат обврските што ги презедоа, а потоа нека бараат плати“, категоричен е директорот Додевски.

    Според него, решението за „Еурокомпозит“, е во наоѓање сили да се обезбедат социјални пакети за дел вработени што по своја желба би заминале од фирмата, како технолошки вишок. А, потоа да се обезбеди континуиран производствен процес, што ќе значи гаранција за опстанок на „Еурокомпозит“.

    М. ТАЛЕСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира