ВРАБОТЕНИТЕ ВО „ЕУРОНИКЕЛ“ УШТЕ ЧЕКААТ ПОВРАТ НА ДДВ ЗА ДА ЗЕМАТ ПЛАТА, ЦЕЛА НЕДЕЛА ГО БЛОКИРААТ ПАТОТ ГРАДСКО-ПРИЛЕП

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО „ЕУРОНИКЕЛ“ УШТЕ ЧЕКААТ ПОВРАТ НА ДДВ ЗА ДА ЗЕМАТ ПЛАТА, ЦЕЛА НЕДЕЛА ГО БЛОКИРААТ ПАТОТ ГРАДСКО-ПРИЛЕПСо повратокот на парите, работниците очекуваат исплата на плата за октомври. (Фото: СДК.МК)

    Цела недела вработените од „Еуроникел индустри“ од Кавадарци протестираат на регионалниот пат Градско-Прилеп. Во траење од три часа, сообраќајот кон Прилеп и Битола во овој период е блокиран кај Дреново. Вработените во поранешен „Фени“ на овој начин го искажуваат нивниот револт што нема поврат на ДДВ, средства кои комбинатот ги уплатил уште во август. Со повратокот на парите, тие очекуваат исплата на плата за октомври.

    „Од овој месец декември сме без здравствено осигурување и ние и нашите фамилии. Нашите молби, писма никој не ги слуша, не ги чита. Предупредуваме какви последици може да има, но за жал, немаме никаков повратен одговор од никого во Владата. Ние ја браниме фирмата, сакаме таа да опстане. Но, нè чуди молкот од другата страна, од државните институции. Да потсетам, кога работевме обезбедуваме 8 до 10 отсто од БНП. Било како било, ние бараме одговор зошто не се пушта ДДВ“, кажа Миле Ѓоргиев, претседател на синдракот од „Еуроникел индустри“ .

    Компанијата има 800 вработени, а посредно уште 200 кооперанти работат со неа. Пред некој ден потпишан бил документот за повраток на ДДВ за месец септември. Така, вкупно УЈП ѝ должи 2,3 милиони евра. Со овие пари вработените велат дека може да се исплатат двете плати за октомври и ноември. Негираат дека имаат некаков долг кон УЈП, поради што не им севраќаат овие средства.

    „Двата документа УЈП ги потпишала без никакви забелешки. Имало некакви забелешки за лани и преклани. Ако е така, што се работело тогаш, па сега да се одразува врз нас? Зошто тогаш се молчело, зошто се чекало? Од нашата финансова служба велат дека сме во целост во право, нема долг, но стравуваме зошто УЈП не сака да ги пушти. Останува впечатокот дека државата не сака да ни помогне. Дали се надеваат дека ќе пропаднеме и тогаш 2,3 милиони евра ќе останат во буџетот и ќе ги пренаменат за друго?“, вели Ѓорѓиев.

    Работниците вела дека ако молкот од институциите продолжи, тогаш тие ќе протестираат во Скопје, пред Владата, чекајќи одговор дали и кога ќе им биде вратен ДДВ што законски им следи.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира